Саниран е и вториот дефект на главната водоводна линија во Штип. Водоснабдувањето полека се нормализира, а во високите зони пристигнува водата за пиење, со намален притисок. Во соопштението на комуналното претпријатие „Исар“ се наведува дека дефектот е саниран од страна на стручните лица од работна единица „Водовод и канализација“.
– По секој голем дефект,нормализирањето на водоснабдувањето се врши согласно посебни протоколи за работа , етапно, без нагло пуштање на водата со цел избегнување на дополнителен ризик по водоводната мрежа.Ви благодариме за истрајноста, трпението и разбирањето – соопштуваат од ЈП „Исар“.
Инаку, десет населби во Штип изминатите четири дена немаа вода за пиење, бидејќи во два наврати се вршеше санација на дефекти на главната водоводна линија. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на вчерашната прес-конференција прогласи кризна состојба во дел од населбите од Штип, по што се обезбедија цистерни за техничка вода и на населението се делеше флаширана вода за пиење. Според Јорданов дефектите кои се појавија на делот на главната водоводна линија е стара половина век. Најави дека следната година ќе се вложи со замена на главните водоводни цевки на овој дел од главната водоводна линија.
МИА

