Вистинско домашно јадење, полно со вкус и мирис на традиционалната кујна. Густ грав, сварен со суви ребра, со запршка што му го дава оној препознатлив домашен шмек.
Потребни состојки:
- 500 г грав
- 1 кг суви ребра
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 3 лажици брашно
- 1 лажица црвен мелен пипер
- Малку мешан зачин
- Црн пипер по вкус
- Масло
- нане по желба
Подготовка:
Гравот се мие и се потопува во ладна вода претходната вечер. Сувото месо добро се мие, а доколку е многу солено, кратко се проварува и водата се фрла.
Во поголемо тенџере се ставаат сувите коски и ребра, гравот и се додава вода колку да ги покрие состојките. Се додава ситно сечканиот кромид и едно чешне лук, се зачинува со црн пипер и мешан зачин и се вари на тивок оган околу 2 часа, додека гравот и месото омекнат.
За запршката, во помало тенџере се загрева масло, се додава брашното и кратко се пропржува. Се додава ситно сечканото второ чешне лук, нане по желба, се трга од оган и се додава црвениот мелен пипер. Запршката се додава во сварениот грав, се промешува и се остава да повари уште неколку минути. Се послужува топло.
МИА

