Мирисни, нежни и лиснати, со златна и крцкава кора, а внатре меки и воздушести. Подготовката бара малку повеќе време и трпение, но токму во слоевите од тесто и путер се крие тајната на вистинските домашни кроасани.
Потребни состојки за тестото:
- 500 г брашно
- 25 г свеж квасец
- 125 мл млеко
- 200 мл вода
- 40 г шеќер
- 12 г сол
- 4 лажици масло
За путерните слоеви:
- 250 г путер
- 50 г брашно
За премачкување:
- 1 белка
- 3 лажици млеко
Подготовка:
Путерот и квасецот оставете ги околу еден час на собна температура. Во еден сад измешајте го брашното со солта. Млекото и водата малку затоплете ги, додајте го шеќерот и издробениот квасец. Промешајте и оставете кратко да се активира. Во средината на брашното направете вдлабнатина, додајте ја смесата со квасецот и маслото. Замесете мазно и изедначено тесто. Покријте го и оставете го да одмори 45 минути.
Во меѓувреме, путерот измешајте го со 50 г брашно и поделете го на четири еднакви дела. По стасувањето, тестото повторно кратко премесете го и поделете го на четири дела. Секој дел од тестото развлечете го во правоаголна форма, приближно со големина А4. Во средината распоредете една четвртина од путерот.
Преклопете ги подолгите страни кон средината, а потоа и пократките, така што путерот целосно ќе се затвори во тестото. Краевите лесно навлажнете ги со вода за да се залепат. Секое парче завиткајте го во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер најмалку 4 часа.
Извадете едно парче тесто и развлечете го во долг правоаголник. Ако путерот е премногу тврд, оставете го тестото 10 минути на собна температура. Преклопете го на три дела, така што едната третина ќе ја префрлите кон средината, а другата врз неа. Завиткајте го повторно и оставете го во фрижидер 30 минути. Истата постапка повторете ја со сите четири парчиња тесто.
Постапката со развлекување и преклопување повторете ја уште 2–3 пати, со задолжително одморање во фрижидер по секое преклопување. На овој начин ќе се создадат убави слоеви од тесто и путер. По последното развлекување, оставете го тестото да одмори 30 минути. Развлечете го во круг и исечете триаголници. Завиткајте ги во форма на кроасани.
Наредете ги во плех обложен со хартија за печење, оставајќи доволно растојание меѓу нив. Оставете ги да одморат уште 30 минути. Премачкајте ги со изматена белка и млеко. Печете во претходно загреана рерна на 190 °C, околу 15–20 минути, додека убаво да заруменат.
МИА

