Цените на нафтата паднаа под 100 долари за барел, додека американските берзи завршија во позитива по убедливата победа на демократите на американските избори во средината на мандатот, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Цената на барел сурова нафта од типот „Брент“ – која служи како глобален репер – во средата падна за повеќе од 8 отсто, достигнувајќи околу 95 долари, што е најниско ниво во последните два месеца.
Овој пад уследи по изјавата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој сугерираше дека републиканците ги загубиле изборите поради војната во Иран.
Венс повика на прекин на војната, пренасочување на фокусот кон трошоците за живот и преиспитување на односите на САД со Израел. Инвеститорите ги протолкуваа неговите зборови како сигнал дека изборниот пораз на републиканците би можел да доведе до намалување на тензиите на Блискиот Исток и до помал ризик од ескалација на конфликтот со Иран.
Во меѓувреме, американските берзански индекси забележаа значителен раст. Индексот „Дау Џонс“ (Dow Jones) порасна за 3 отсто, поширокиот индекс „S&P 500“ се зголеми за 1,6 отсто, а технолошки ориентираниот „Насдак“ (Nasdaq) порасна за 1,4 отсто.

