Презентации на 15 европски проекти, современи земјоделски технологии и механизација, како и изложба на домашни земјоделски производи и храна, ќе понуди настанот „Агро експо 2026“, што денеска и утре ќе се одржува во Скопје. Мотото е „Земјоделството на иднината. Денес.“, а пред присутните на отворањето, како што е најавено, ќе се обратат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Според организаторите, настанот ќе ги поврзе земјоделците, производителите и компаниите со научната заедница и институциите, преку конференциска и изложбена програма, практични демонстрации и деловни средби.
-Програмата ќе обедини презентации на 15 европски проекти, со акцент на нивната поврзаност со земјоделството, иновациите и развојот на секторот, како и информации за можностите за европско финансирање и проектни партнерства. Посетителите ќе можат да се запознаат со земјоделска технологија, механизација и опрема, вклучително сензори, дронови, системи за паметно наводнување и софтвер за фарми. Изложбениот дел ќе вклучи и земјоделски производи и храна, со можности за директни средби со производителите и дегустации, се наведува во најавата.

По отворањето е предвидена конференција за модернизација на земјоделството.
-Денот е посветен на институционалниот дијалог, научните достигнувања и трансферот на технологии до земјоделските производители. Темите ќе опфатат прецизно земјоделство, користење податоци и софтвер за управување со фарми, заштита на интелектуалната сопственост и развој на препознатливи земјоделски брендови. Презентациите на европските проекти ќе овозможат размена на искуства и директно поврзување со потенцијални партнери, велат организаторите.
Утре фокусот ќе биде ставен на земјоделска технологија, механизација, производи и храна. Ќе има и практични демонстрации, како и средби со производители и добавувачи. Посетителите ќе можат да разгледаат механизација, опрема, материјали и услуги за земјоделството, да воспостават деловни контакти и да учествуваат во дегустации на храна, мед и вина.
Деканот на ФИНКИ, професорот Петре Ламески, ќе ја претстави темата „Од фарма до паметен агробизнис – можности за дигитализација преку ДигитМак, Везилка и ЕуроЦЦ3“, додека професорот Александар Узунов од Факултетот за земјоделски науки и храна ќе зборува за „Современо и одржливо пчеларство – наука, иновации и практични решенија“.
Европска соработка за знаења и вештини во земјоделството “АГРО ЕКСПО на ЕУ проекти во земјоделие, технологии и храна” се организира во рамки на проектот CAAIVE, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+. Организатори се Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, преку Факултетот за земјоделски науки и храна, ЕМКИЦЕ КИЦ, Нова Креатива и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Настанот е наменет за земјоделци и земјоделски стопанства, производители и дистрибутери на механизација и опрема, компании од прехранбениот сектор, истражувачи, студенти и институции заинтересирани за модернизација на земјоделството.
МИА

