Бербата на маслинки во месноста Терзели, валандовско, е слика што би сакал почесто да ја гледаме и во други краеви на Македонија, каде што условите го дозволуваат тоа. Денес присуствував на нејзиниот почеток, со задоволство што оваа сѐ уште малку застапена култура кај нас добива свое место во домашното производство, информира министерот за земјоделство Борче Серафимовски.

Климата се менува, а со неа и границите на она што сме навикнати традиционално да го одгледуваме на македонската почва. Кај маслинката, порастот на просечните температури отвора простор да се испитаат нови локации за одгледување, со внимателна проценка почвата и достапноста на вода, секако, и со потпора на научното знаење.
Со маслинката доаѓаат и можности за преработка, производство на масло и создавање домашни производи со препознатливо потекло. Во овој сегмент, препознавам простор за претприемачка иницијатива и дополнителна заработка, со која поголем дел од создадената вредност ќе останува во државата.

Климатските промени не ја одминуваат ниту Македонија, затоа идниот развој на нашето земјоделство зависи и од подготвеноста да го приспособуваме производството и да воведуваме култури што можат успешно да се одгледуваат во променетите климатски услови.


