Вечерва во Свети Николе имав средба со земјоделци од Овчеполието. Ми значи да ги слушнам нивните предлози и забелешки и да одговорам на прашањата што ги засегаат. За секој став и мислење има место во отворениот дијалог кој го водам, затоа што различните искуства ни помагаат подобро да ги разбереме состојбите и да најдеме соодветни решенија, информира министерот за земјоделство Борче Серафимовски.
Отворено зборувавме за финансиската поддршка и за тоа како субвенциите да стигнуваат до вистинските производители. Важноста на оваа помош е уште поголема во услови кога климатските промени ги прават вложувањата понеизвесни, а земјоделците се соочуваат со потребата да го приспособат производството и да ја зачуваат одржливоста на своите стопанства.

Разговаравме и за односот што го имаат со откупувачите и преработувачите на земјоделски производи. Појасните договори, попрецизните услови и цврсто дефинираните рокови за исплата ќе им овозможат на земјоделците посигурно да ја планираат својата работа. Во унапредувањето на договорното производство гледаме можност за поголема доверба и одговорност меѓу сите учесници. Во оваа насока, ги повикав земјоделците активно да се вклучат со идеи и предлози за Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи. Нивното искуство е важно за правилата што ги подготвуваме да одговараат на реалните потреби.
Фејсбук статус на Борче Серафимовски

