Рибата се пече цела, затворена во кора од крупна сол, која ја задржува влагата и создава природна „рерна“ околу неа. Пред сервирање, солената кора се крши, а од неа се вадат чисти и сочни филети.
Состојки:
- 1 орада, исчистена и без утроба, околу 600–800 г
- 1,5 кг крупна морска сол
- 2 белки
- 1 лимон
- неколку гранчиња копар
- 2–3 листови ловор
- неколку зрна црн бибер
Подготовка:
Ако орадата не е исчистена во рибарницата, исчистете ја од утробата, исплакнете ја кратко со ладна вода и добро исушете ја со кујнска хартија. Не ја лупете од лушпите, бидејќи тие создаваат природна заштита и го чуваат месото сочно при печењето. Во внатрешноста на рибата ставете неколку парчиња лимон, копар, ловоров лист и неколку зрна црн бибер.
Во длабок сад лесно изматете ги белките, па измешајте ги со крупната сол. Белките ќе помогнат солта да се поврзе и да се создаде цврста кора околу рибата. Во тава обложена со хартија за печење распоредете слој од солената смеса. Одозгора ставете ја орадата и целосно покријте ја со преостанатата сол. Со рацете нежно притиснете за рибата да биде добро затворена.
Печете во претходно загреана рерна на 200 °C околу 30 минути. За поголема риба, времето на печење треба соодветно да се продолжи. Откако ќе ја извадите од рерната, оставете ја да отстои околу 5 минути.
Со задниот дел од лажица внимателно скршете ја солената кора и отстранете ја. Отстранете ја кожата и внимателно извадете ги филетите. Послужете ја веднаш, по можност со маслиново масло, лимон и свежа салата.
МИА
