Осврнувајќи се на состојбите со откупот на пиперката, оризовата арпа, вранецот и другите земјоделски производи, министерот на денешната прес конференција соопшти дека Министерството мобилизира дополнителни системски капацитети за проверка на пазарните практики. Покрај редовните контроли на Државниот инспекторат за земјоделство, во текот на оваа работна недела Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе достави образложена иницијатива до Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Состојбите нема да ги разгледуваме само преку поединечните контроли на откупните пунктови, туку и низ целокупната структура и функционирањето на пазарот. Од Комисијата ќе побараме да утврди дали постојат индиции за недозволено усогласување меѓу откупувачите, злоупотреба на пазарна моќ или примена на нефер трговски практики кон производителите“, рече министерот Серафимовски, притоа појаснувајќи дека Комисијата ќе оцени дали постои основа за постапување согласно Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.
Министерот уверува дека однапред нема да се прогласува одговорност, но нема да се остави неискористен ниту еден финансиски, инспекциски или законски механизам за фактите да бидат независно и стручно проверени.
„Пазарните услови не смеат да бидат оправдување за непочитување на договорите, нетранспарентна класификација или префрлање на целиот ризик врз земјоделците. Кога се работи за нивниот труд и приход, институциите мора да постапуваат навремено, координирано и одлучно“, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.
