Само за периодот од 1 јануари до 19 август 2026 година, Агенцијата за вработување издала 1.837 мислења за работници од Бангладеш. Тие предничат пред сите други. За работници од Турција се издадени 1.257 мислења, за Непал 787, за Индија 323, а за Пакистан 46, пишува Слободен печат.
Македонските работодавачи сè поинтензивно бараат работници во странство. Најновите податоци што ги добивме од Агенцијата за вработување покажуваат дека меѓу странските работници што се бараат за ангажман во земјава, особено брзо расте интересот за кадар од Бангладеш.
Само за периодот од 1 јануари до 19 август 2026 година, Агенцијата за вработување издала 1.837 мислења за работници од Бангладеш. За работници од Турција се издадени 1.257 мислења, за Непал 787, за Индија 323, а за Пакистан 46.
Од Агенцијата за вработување ни појаснија дека според своите законски надлежности, тие проверуваат дали се исполнети условите, меѓу другото и во однос на квотата и состојбата на пазарот на труд, и издаваат мислење до Министерството за внатрешни работи во постапката за регулирање на престојот на странец по основ на работа. Дури откако ќе бидат исполнети и другите законски услови, МВР носи решение за регулиран престој по основ на работа.
Од Агенцијата за „Слободен печат“ објаснија и дека за помал број странци, кои имаат регулиран престој по друг основ, Агенцијата е надлежна за издавање работна дозвола.
Такви дозволи во период од седум и пол месеци дала за турски државјани 47, три за Непалци, додека за Индијци има четири работни дозволи.
Што е со нашите невработени и со работниците на црно?
Најголем интерес за ангажирање странска работна сила има во градежништвото, преработувачката индустрија, секторот за сместување и послужување храна, како и во трговијата на големо и мало, покажуваат досегашните анализи на Агенцијата за вработување.
За работодавачот, работникот од Непал или од Бангладеш е решение за проблемот со недостиг на кадар. Но за македонскиот пазар на труд, трендот отвора многу поширока тема. На бев-страницата на Агенцијата за вработување има огласи за околу 11.000 работни места, а истовремено има повече од 8 пати невработени.
Претседателот на Сојузот на синдикати Слободан Трендафилов вели дека работници во Македонија има, дури 100.000 работат на црно.
– Бројот на невработени лица, според последните податоци на Државниот завод за статистика, изнесува 90.020 лица. Ако на ова се додадат и 101.022 неформално вработени лица, тогаш сосема оправдано се поставува прашањето: зошто увезуваме работна сила од трети земји ако во Македонија сè уште имаме неискористен домашен работен потенцијал? Прашањето е уште посериозно ако се има предвид структурата на неформалната вработеност. Повеќе од половина, односно 51.487 лица, се ангажирани во земјоделството, додека градежништвото учествува со 17,2 отсто од вкупниот број неформално вработени. Токму во овие дејности најчесто се посочува потребата од дополнителна работна сила од трети земји. Затоа, пред да се зборува за увоз на работници, државата и работодавачите мора да одговорат на едно клучно прашање: зошто овие работни места не се пополнуваат со домашни работници? – вели Трендафилов.
Претседателот на ССМ потенцира дека ако проблемот е недостиг на работници, тогаш треба да се анализираат причините за тој недостиг – пред сè платите, условите за работа, почитувањето на работничките права и сигурноста на работното место.
– Не може да се очекува домашен работник да прифати работа за плата од која не може достоинствено да живее, а истовремено да се тврди дека решението е увоз на работници од странство. Особено е лицемерно ако на странските работници работодавачите им обезбедуваат превоз, сместување и храна за да ги привлечат и да ги задржат, а истите или слични услови не им се обезбедуваат на домашните работници. Синдикатот не е против странските работници. Напротив, секој работник, без разлика од каде доаѓа, мора да има достоинствена плата и заштита на работничките права. Но, увозот на работна сила не смее да биде инструмент за намалување на цената на трудот во Македонија. На крајот, мора да бидеме свесни и за фактот дека Македонија многу често е само транзитна дестинација за работници од трети земји, кои по одреден период продолжуваат кон западноевропските држави, каде што платите и условите за работа се значително подобри – вели Трендафилов.
Лани одобрени 6.128 дозволи за привремен престој на странски работници
За 2026 година Владата утврди квота од 10.000 работни дозволи за странски државјани. Од нив, 9.750 се за редовно вработување, 200 за упатени странци и 50 за сезонски ангажмани. Во рамките на редовното вработување, 4.500 дозволи се предвидени за нови работници, а 5.250 за продолжување на ангажманот на странци што веќе работат во земјава.
Оттука, квотата не треба да се чита како дозвола за внесување 10.000 нови луѓе во една година.
Минатата година Агенцијата за вработување издала 8.509 позитивни мислења за работни дозволи, а Министерството за внатрешни работи одобрило 6.128 дозволи за привремен престој на странски работници.
Во исто време, се случува и обратен процес. Македонски граѓани заминуваат во странство во потрага по подобро платени работни места, додека домашните компании дел од празните позиции ги пополнуваат со работници од други држави. Така се создава парадокс на македонскиот пазар на труд: има невработени, но има и работни места за кои работодавачите тешко наоѓаат луѓе; има иселување на работоспособно население, но и нов прилив на работници од странство. Прашањето затоа не е само колку странски работници ќе дојдат, туку и зошто домашната економија не успева да ги задржи или да ги активира сите луѓе што ѝ се потребни.
Извор – Слободен печат
