Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, ја посети Подрачната единица на Министерството во Тетово, каде одблиску се запозна со работата на единицата, условите за работа и прашањата со кои се соочуваат вработените при обезбедувањето услуги за земјоделците.
Една од главните теми на посетата беше тековниот процес на аплицирање за финансиска поддршка во земјоделството. Заменик-министерот Хоџа беше информиран за текот на аплицирањето, интересот на земјоделците и барањата што тие ги поднесуваат во текот на постапката.

Процесот на аплицирање е во тек и трае до 30 септември. Подрачните единици на Министерството им стојат на располагање на земјоделците за информации и поддршка во текот на постапката, со цел апликациите да бидат поднесени навремено и постапката да се одвива што е можно поефикасно.
На средбата со вработените се разговараше и за условите за работа, нивните потреби и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење, како и за можностите за натамошно подобрување на услугите за земјоделците.
Подрачната единица во Тетово е зајакната со 10 нови вработени, со што се зголемени нејзините капацитети за обработка на барањата и обезбедување услуги за земјоделците од Тетово и регионот.
