Мусака е традиционално домашно јадење од компири и мелено месо, надополнето со кремаст бешамел-сос. Се подготвува едноставно, а највкусна е топла, со свежа сезонска салата.
Состојки:
- 1 кг компири
- 300 г мешано мелено месо
- 1 поголема главица кромид
- масло или маст за пржење
- сол по вкус
- црн пипер
- црвена мелена пиперка
- вегета
За бешамел-сосот:
- 50 г путер или маргарин
- 1½ лажица брашно
- 200 мл млеко
- малку зачинал
Подготовка:
Компирите излупете ги, измијте ги и исечете ги на тенки кругови. Ставете ги во тенџере, прелијте ги со ладна вода и варете ги кратко, само колку малку да омекнат. Потоа исцедете ги и посолете ги. Во тава загрејте малку масло или маст. Додајте го ситно сечканиот кромид и пропржете го додека омекне.
Додајте го меленото месо и динстајте додека испари течноста. Зачинете со сол, вегета, црвен пипер и црн пипер. Подгответе го бешамел-сосот. Во тенџере растопете го путерот или маргаринот. Додајте го брашното и кратко пропржете, внимавајќи да не ја промени бојата. Постепено додавајте го млекото со постојано мешање за да не се создадат грутчиња. Варете кратко, додека сосот малку се згусне.
Зачинете со малку зачинал. Сосот треба да остане умерено густ. Загрејте ја рерната на 250 °C. Во огноотпорен сад со димензии приближно 15 × 20 см наредете: прв ред компири, па целото пропржено месо, врз него втор ред компири и најгоре бешамел-сос.
Печете на 250 °C додека мусаката убаво не порумени одозгора.
Послужете ја мусаката топла, со сезонска салата. Вкусна е и откако ќе се излади, кога полесно се сече на правилни парчиња.
МИА
