Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, одржа работна средба со претставници на винарии членки на здружението „Вина од Македонија“, како и со претставници на други поголеми винарии.

На средбата, како што соопшти МЗШВ, се разговарало за актуелните состојби и предизвици во секторот, како и за потребата од координиран пристап меѓу институциите и винарската индустрија.
Министерот Серафимовски ја истакнал подготвеноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да води инклузивен и континуиран дијалог со сите засегнати страни, насочен кон заеднички, реални и одржливи системски решенија.
На средбата посебен акцент бил ставен и на потребата од понатамошно унапредување на стандардите, квалитетот на финалниот производ и конкурентноста на винарската индустрија.

Се разговарало за можностите за зацврстување на позицијата на македонското вино на постоечките странски пазари, како и за отворање нови извозни можности.
-Квалитетот и заедничката промоција се основа за посилно меѓународно позиционирање на македонското вино- истакна на средбата министерот Серафимовски.
МИА
