Земјоделците редовно да ги наводнуваат посевите, да ја следат евентуалната појава на болести и штетници и да ги почитуваат препораките за работа на отворено, препорачуваат агрометеоролозите на УХМР.
Според нив, сите активности кои се итни, треба да се извршуваат рано наутро или приквечер.
-Изминатава седмица имавме сончево и топло време со повремени врнежи од дожд на некои места. Топлото време доведува до зголемување на транспирација и евапотранспирација, а со тоа доаѓа и поголема потрошувачка на вода. Растенијата губат повеќе вода преку транспирација отколку што нивниот коренов систем може да прими вода од почвата, што може да предизвика нарушување на водниот баланс во растението, т.е. појавата на воден дефицит и појава на суша. Затоа потребно е редовно наводнување на културите, исклучиво во ноќните или раните утрински часови за да се спречи шок кај коренот и големо испарување, објаснуваат агрометеоролозите.
Потсетуваат и дека повеќето од културите се наоѓат во интензивен пораст и во фаза на берба.
-Пченицата е веќе прибрана или се прибира. По вршидбата зрното се досушува ако за тоа има потреба до 14 отсто влага, а потоа се складира во магацин или силоси, а сламата по жетвата се балира и се складира во камари до нејзина употреба. Пченката која е во интензивен пораст треба да се наводнува, иако се смета дека е отпорна на суша. Најголеми потреби за наводнување има во фазата метлење до налевање на зрното. Секој топлотен стрес и недостиг на влага во овој период може драстично да го намали крајниот принос, децидни се агрометеоролозите.
УХМР за следните денови прогнозира сончево и топло време со мала до умерена облачност и услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер во попладневните часови.
УХМР
