Изминатава седмица имавме сончево и топло време со повремени врнежи од дожд на некои места. Топлото време доведува до зголемување на транспирација и евапотранспирација а со тоа доаѓа и поголема потрошувачка на вода. Растенијата губат повеќе вода преку транспирација отколку што нивниот коренов систем може да прими вода од почвата, што може да предизвика нарушување на водниот баланс во растението, т.е. појавата на воден дефицит и појава на суша. Затоа потребно е редовно наводнување на културите, исклучиво во ноќните или раните утрински часови за да се спречи шок кај коренот и големо испарување.
Повеќето од културите, се наоѓат во интензивен пораст и во фаза на берба. Пченицата е веќе прибрана, или се прибира. По вршидбата зрното се досушува ако за тоа има потреба до 14% влага, а потоа се складира во магацин или силоси, а сламата по жетвата се балира и се складира во камари до нејзина употреба. Пченката која е во интензивен пораст треба да се наводнува, иако се смета дека е отпорна на суша. Најголеми потреби за наводнување има во фазата метлење до налевање на зрното. Секој топлотен стрес и недостаток на влага во овој период може драстично да го намалат крајниот принос.
Во следните денови времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Особено топло ќе биде во петок и во деновите од викендот кога дневната температура насекаде ќе бидат над 30 степени.
Земјоделските производители да продолжат со грижата за нивните посеви, редовно наводнување, следење на појава на болести и штетници и нивна заштита, редовна контрола на посевите, да се почитуваат препораките за работа на отворено и сите активности кои се итни да се извршуваат рано наутро или приквечер како и други агротехнички мерки.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 11°C до 22°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 29°C до 39°C.
Извор: Агрометео
