Производството на вишна претставува една од најзначајните земјоделски гранки во Пијанечкиот регион и важен извор на приходи за голем број семејства, истакна градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, при посетата на вишновите насади за време на овогодишната берба.
Гоцевски посочи дека локалната самоуправа останува посветен партнер на земјоделците, со цел создавање подобри услови за развој на овоштарството и унапредување на условите за работа.
– Производството на вишна не е само земјоделска дејност, туку значаен двигател на локалната економија. Наша обврска како Општина е да бидеме партнер на земјоделците и да создадеме услови за нивен понатамошен развој, истакна Гоцевски.
Тој нагласи дека поддршката ќе се реализира преку подобрување на пристапната инфраструктура до насадите, соработка со надлежните институции за олеснување на пласманот на производите, организирање едукативни обуки, како и преку активно аплицирање на домашни и меѓународни програми и проекти наменети за развој на овоштарството.

Градоначалникот упати благодарност до сите производители и сезонски работници кои учествуваа во овогодишната берба, оценувајќи дека нивниот труд заслужува почит и континуирана институционална поддршка.
Според податоците што ги објави Општина Делчево, на нејзината територија во моментов се одгледуваат вкупно 234 хектари вишнови насади, што ја потврдува важноста на оваа култура за земјоделското производство и економскиот развој на Пијанечкиот регион.
Гоцевски изрази очекување бербата да заврши успешно и да биде основа за уште подобри резултати во следните производствени сезони.
МИА
