Кохот од гриз е еден од оние едноставни домашни десерти што со години се подготвуваат на нашите трпези. Неговиот мек и воздушест бисквит, натопен со топло млеко, го прави исклучително сочен и нежен. Покрај класичната верзија, овој десерт може да се послужи и во помодерна варијанта – со кремаст сос од ванила и овошен сируп, кои му даваат дополнителна свежина и префинет вкус.
Состојки за тестото:
- 5 јајца
- 50 г лажици шеќер
- 75 г пченичен гриз
- прстофат сол
- рендана кора од ½ лимон (по желба)
За млечниот прелив:
- 1 л млеко
- 2 лажици шеќер
- 2 ванилин шеќери
За овошниот сируп:
- 150 г шумско овошје или малини (свежи или замрзнати)
- 2 лажици шеќер
- 1 лажица сок од лимон
Подготовка: Во тенџере ставете ги млекото, шеќерот и ванилиниот шеќер. Загрејте до вриење, тргнете од оган и оставете го преливот малку да се излади додека го подготвувате бисквитот. Загрејте ја рерната на 180 °C. Калап со димензии 20 × 30 см лесно намачкајте го со путер или масло и посипете го со малку брашно или гриз. Одвојте ги белките од жолчките. Белките со прстофат сол изматете ги во цврст снег. Постепено додавајте го шеќерот, лажица по лажица, матејќи додека смесата не стане густа и сјајна. Намалете ја брзината на миксерот и додавајте ги жолчките една по една, кратко матејќи по секое додавање. Исклучете го миксерот. Додадете го гризот и внимателно вмешајте го со жица за матење или шпатула, со лесни движења одоздола нагоре, за смесата да остане воздушеста. Смесата рамномерно распоредете ја во подготвениот калап. Печете околу 30 минути, додека површината не добие златножолта боја. Штом ќе го извадите бисквитот од рерната, додека е сè уште врел, рамномерно прелијте го со топлиот млечен прелив. Оставете го најпрво целосно да се излади на собна температура и да го впие млекото, а потоа ставете го во фрижидер неколку часа пред послужување.
Овошен сируп: Во мало тенџере ставете ги овошјето, шеќерот и сокот од лимон. Варете на тивок оган 5–7 минути, додека овошјето целосно не омекне. Изблендирајте со рачен блендер, а потоа процедете низ ситно цедалка за да добиете мазен и сјаен сируп без семки.
Во чинија во средината ставете коцка од испечениот кох, а потоа прелијте со овошен сируп. Така добивате елегантен десерт со богат вкус и прекрасен контраст помеѓу кремастиот сос и свежото овошје.
МИА
