Изборот за најубава камила трае еден месец и се одржува во пустината североисточно од саудиската престолнина Ријад. Судиите користат специјализирана и напредна технологија за откривање на неовластено разубавување на животните, а оваа година дојдоа до шокантни сознанија – десетици одгледувачи на камилите им ги растегнувале усните и носовите, користеле хормони за зајакнување на мускулите на животните, им вбризгувале ботокс во главите и усните за да ги направат поголеми, а некои делови на телото дури и ги надувувале со гумени ленти и користеле сомнителни филери за да им го опуштат лицето.
На овогодинешниот избор саудиските власти дисквалификуваа 40 камили од натпреварот за убавина што започна овој месец, а на кој одгледувачите се борат за награда од околу 66 милиони долари. Животните се исфрлени од изборот бидејќи биле „средени“ надвор од правилата, односно се испоставило дека примале инјекции со ботокс во усните, но и други „вештачки“ поправки, објави саудиската државна новинска агенција.

Годишниот фестивал на камили го организира кралското семејство, а жирито одлучува за победникот врз основа на обликот на главата, вратот, грбот, фустанот и држењето на животните. Строго се забранети инјекции со ботокс, затегнување на лицето и други козметички промени кои би требало камилите да ги направат попривлечни.
-Сакаме да ги запреме сите измами кога станува збор за разубавување на камилите. Организаторите ќе изречат строги казни за сите манипулатори – соопштија властите.
Освен што третманот е неправеден кон другите одгледувачи, има ризик и од страшни повреди кај камилите.
Фестивалот на камили вклучува и трки со камили и продажба на животни, а е замислен како екстравагантен настан со кој се настојува да се зачува улогата на камилата во бедуинската традиција. Одгледувањето камили во Саудиска Арабија е профитабилна мултимилионска индустрија.
