Здружението на земјоделци производители на сончоглед заедно со директорот на „Кристал 1923“, Горанчо Лазов, заеднички побараа од Владата поддршка за годинешната реколта која поради неповолните временски прилики беше многу намалена.
-Бараме од Министерството за земјоделство преку интервентниот фонд да добиеме субвенција од 6 па и 7 денари за килограм. Годинава поради лошото време приносот е многу мал, 1 200 тони од хектар, што споредено со лани е значително намален. Исто така и цената е пониска од лани па се доведуваме во ситуација да размислуваме дали да продолжиме со ова производство – вели земјоделецот Миле Кебакоски од Прилеп.

Директорот на „Кристал 1923“ Горанчо Лазов им даде поддршка на земјоделските производители. Тој ја потенцираше важноста од поддршката на државата за оваа индустриска култура и земјоделците кои се кооперанти на компанијата и се осврна на уште еден проблем кој претставува удар врз компанијата, зголемувањето на ДДВ за сончогледот од 5 на 10%.
-Тоа преставува директен удар како за компанијата така и за земјоделците бидејќи сончогледот не е луксуз ниту има потреба да се воведе 10 % ДДВ кога за суровото масло изнесува 5%. Апелирам до владата да ја преиспита одлуката и да ја врати цената на ДДВ на сончоглед на 5% – изјави Лазов.
Според информациите за годинешниот домашен род кој го откупи „Кристал 1923“ е 3 800 тони а барањето на земјоделците од 6 денари поддршка за килограм сончоглед е во висина од околу 370 000 евра.
Земјоделците се надеваат дека ова не е висока сума согласно ефектот кој ќе го има, а тоа е мотив да се продолжи со производство на сончоглед, зголемување на засеаните површини како и нивна сигурност и стабилен приход.
Владата во неколку наврати покажала дека има разбирање за проблемите на земјоделците кога нивните барања се аргументирани и се во интерес на домашното производство на храна, особено за производи и култури за кои се одлеваат девизи за увоз.

Приказната за сончогледот има и многу важна порака која потврдува дека Договорното производство е најдобриот начин на соработка меѓу земјоделците и откупувачите и таа соработка почна пред 6 години со иницијативата на директорот на Велешка маслодајна или сега „Кристал 1923“ се организираше и поддржа од Владата. На иницијативата се придружија најголемите производители на сончоглед кај нас и „Биспромет“ од Битола, кои нудеа регрес семе и ѓубриво како поддршка за земјоделците за повисок и поквалитетен род. Ова заедничко делување на земјоделците, откупувачите и Владата беше успешно и од минималните 2000 тони производство, лани да се достигне 10 000 тони домашен сончоглед.

Враќањето на сончогледот на македонските ниви, таа успешна приказна на Договорно производство која започна во 2018 година, мора да продолжи.
