Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, повика на разгледување на законски измени со кои на Народната банка би ѝ се овозможиле механизми за поголема заштита на корисниците на платежните услуги и за ограничување одредени банкарски надоместоци по примерот на повеќе европски земји.
Славески во објава на социјалната мрежа „Икс“ истакна дека платниот промет е услуга што секојдневно ја користат граѓаните и компаниите и затоа прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.
– Народната банка во моментот нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка по примерот на повеќе европски земји во кои постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги – наведува Славески.
Тој посочува дека во голем број европски држави постојат механизми за регулирање или ограничување одредени надоместоци и дека ваквите искуства може да послужат како добра основа за јавна дебата и во земјата.
Според гувернерот, целта е граѓаните и компаниите да имаат пристап до ефикасни платежни услуги по разумни надоместоци во согласност со современите европски практики.
Повикот на Славески доаѓа откога четири банки во земјата во изминатите денови најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет, што предизвика реакции во јавноста и отвори прашања за потребата од дополнителна заштита на корисниците на овие услуги.
МИА
