Facebook Youtube
Agrotim.mk
Ad image
  • Дома
  • Агровести
  • Пазари
  • Субвенции
  • Фондови
  • Механизација
  • Рурален Развој
Читате: Бјорн Наумовски Вискиус за МИА: Овдешната бирократија е вистински шок за Швеѓаните, но и тие можат многу да научат од овде за топлината и прилагодливоста во тешкотиите
Agrotim.mkAgrotim.mk
Зголеми текстAa
Пребарај
  • Дома
  • Агровести
  • Пазари
  • Субвенции
  • Фондови
  • Механизација
  • Рурален Развој
Заследи не
СИТЕ ПРАВА СЕ ЗАДРЖАНИ © АГРОТИМ МК - 2024
Agrotim.mk > Рубрика > Агровести > Бјорн Наумовски Вискиус за МИА: Овдешната бирократија е вистински шок за Швеѓаните, но и тие можат многу да научат од овде за топлината и прилагодливоста во тешкотиите
Агровести

Бјорн Наумовски Вискиус за МИА: Овдешната бирократија е вистински шок за Швеѓаните, но и тие можат многу да научат од овде за топлината и прилагодливоста во тешкотиите

Објавено 03/06/2026
Сподели
14 мин. за читање
Сподели
Ad imageAd image

Во време кога Северна Македонија бара нови економски партнери и посилно позиционирање на европската сцена, сè повеќе се истакнуваат луѓе кои ги поврзуваат различните општества, пазари и институции. Еден од нив е и Самуел Видан Бјорн Наумовски Вискиус, млад експерт за меѓународни односи со македонско-шведски корени, чија професионална кариера ги опфаќа Европскиот парламент, шведското Министерство за надворешни работи, граѓанскиот сектор и бизнис-заедницата.

Како извршен директор на Шведско-македонската стопанска комора, тој работи на продлабочување на економските врски меѓу двете земји и создавање нови можности за инвестиции, трговија и соработка. Со Наумовски Вискиус, зборуваме за потенцијалот на македонската економија, интересот на шведските компании за регионот, европските перспективи на земјата, но и за личниот пат на еден млад професионалец кој успешно ги спојува скандинавското искуство и балканските корени.

Вие сте родени помеѓу две култури, шведската и македонската. Колку тоа влијаеше да се посветите на поврзување на двете земји?

-Многу, навистина многу. Иако сум роден и сум живеел цел живот во Шведска, секогаш сум чувствувал длабока поврзаност со Македонија – таа врска никогаш не исчезна. Растев во две реалности истовремено: со шведскиот начин на живот и образование, но и со македонската душа – јазикот, обичаите, семејните вредности. Токму тоа двојно искуство ми даде специфична перспектива, можноста да ги разберам двете страни длабоко и искрено. Со текот на времето сфатив дека тоа не е само мое лично богатство, туку и одговорност. Почувствував дека сакам и можам да придонесам нешто конкретно за Македонија, нешто со вистинско значење. Токму затоа денес, преку Комората, работам на поврзување на двете земји. Тоа е мисија која ме исполнува секој ден и во која верувам со целото срце.

Често на нас во Европа се гледа низ политичка призма. Што е она што Швеѓаните не го знаат за македонскиот економски потенцијал?

-Вистината е дека информациите за Македонија во Шведска се минимални. Поголемиот дел од шведската јавност практично не знае ништо за тоа што оваа земја може да понуди. Кога ќе ја спомнеш Македонија, реакциите честопати се: „Каде е тоа?” или пак темата набрзо се свртува кон политика и регионални конфликти. А тоа е навистина жал, бидејќи реалноста е сосема поинаква. Според Светската банка, македонскиот БДП се очекува да достигне 16,3 милијарди долари, со предвиден раст од 3,5 отсто според ММФ, поттикнат од извозниот капацитет и растечките странски инвестиции. Земјата има огромен потенцијал во сектори како ИТ, земјоделство, производство и енергетика. Токму затоа, една од моите главни улоги преку Комората е да работам на информирање – преку кампањи, настани и директни контакти со шведската бизнис-заедница, за да може таа да добие реална слика и да ја земе Македонија предвид кога ќе бара нови пазари за ширење.

Велите дека ние сме „мала земја, но со голем потенцијал”. Што конкретно ве убедува во тоа или станува збор за само дипломатска фраза?

-Апсолутно не е дипломатска фраза – тоа е нешто во кое навистина верувам. Го гледам потенцијалот конкретно и секојдневно. Во 2024 година, вкупните нето приливи од директни инвестиции во Македонија изнесоа 1,255 милијарди евра – прв пат земјата го премина прагот од милијарда евра во странски директни инвестиции. Тоа не е мала работа. Географската положба на земјата – на раскрсницата на паневропските транспортни коридори 8 и 10 – претставува значајна предност, особено за компаниите кои размислуваат за „неарсхоринг”, односно приближување на производството кон европските потрошувачки центри. Кога зборувам за потенцијал, мислам на конкретни сектори: ИТ и дигитални услуги, каде младата и образована генерација е вистинска предност; земјоделство со огромен простор за модернизација; производство во специјализирани зони; и зелена енергија. Но, она за кое навистина копнеам е промена на менталитетот – Македонија треба да биде посигурна во тоа која е таа и што може да постигне.

Шведска е позната по силните институции, иновации и доверба во системот. Кои од тие вредности сметате дека нашата земја итно треба да ги преслика?

-Двете земји можат меѓусебно да учат многу, но постојат некои шведски практики кои би биле трансформативни за Македонија. Шведското општество е изградено на силни демократски вредности каде слободното мислење и соработката се поттикнуваат, а тоа денес не е само морален принцип – тоа е конкурентска предност. Клучен елемент на шведскиот иновативен успех е т.н. „Triple Helix” модел, кој промовира соработка помеѓу академијата, индустријата и владата, овозможувајќи проток на знаење и ресурси меѓу овие сектори. Ова е нешто за кое Македонија треба да работи – поголема синергија помеѓу универзитетите, бизнисот и институциите. Сакам исто така да истакнам дека постојат земји кои направиле огромни промени за многу кратко време – Естонија и Латвија се добри примери. Тоа покажува дека промената е можна и брза, но мора да почне од малото – секој поединец, секоја институција, секоја компанија треба да го даде своето.

Колку навистина европските компании денес се заинтересирани за Северна Македонија, а колку сè уште сме „неоткриен пазар”?

-Сè уште е многу неразвиено во однос на она што можело да биде. Постојат реформи кои треба да се спроведат и услови кои треба да се подобрат за земјата да биде поатрактивна за странски инвеститори. Владината програма за 2024–2028-ма ги приоритизира растот и реформите ориентирани кон ЕУ, со инфраструктурата како централен столб, но предизвиците со младинската невработеност и регионалните нееднаквости остануваат значајни. Верувам дека сите треба да придонесат – не е доволно да чекаме некој друг да ги направи потребните промени. А дијаспората, особено, е огромно недоволно искористено богатство. Постои голем потенцијал за поорганизирана и постратешка соработка со македонската дијаспора ширум светот – луѓе кои ги познаваат и двете реалности и можат да бидат вистински мост.

Според податоците, над четириесет шведски компании веќе се присутни овде. Што е она што ги привлекува?

-Тоа е прашање на кое токму сега работиме – спроведуваме анкета за подобро да ги разбереме одлуките на компаниите. Но веќе можам да кажам дека дијаспората игра клучна улога. Многу бизниси дојдоа во Македонија токму заради поврзаноста со некој од македонско потекло. Покрај тоа, македонскиот правен и регулаторен систем нуди повеќе поволности за странски инвеститори, вклучувајќи десетгодишно ослободување од данок на личен и корпоративен приход во технолошко-индустриски развојни зони (TIDZ). Конкурентните трошоци на работна сила, образованата работна сила – особено во ИТ секторот – и географската позиција во срцето на Балканот се исто така значајни фактори.

Дали имаме капацитет да станеме регионален центар за ИКТ и дигитални услуги, или тоа сè уште е повеќе желба отколку реалност?

-Навистина верувам дека е реалност – и не само желба. Ова го гледам можеби како најголемиот потенцијал на земјата, и лично имам визија да придонесам Македонија да стане вистински хаб за ИКТ секторот и нови стартапи. ИТ секторот и софтверот веќе се меѓу водечките сектори за странски директни инвестиции во земјата. Новата генерација млади Македонци е технолошки писмена, образована и мотивирана. Тоа е вистинско богатство. Моментот е сега – треба да ги задржиме тука и заедно да изградиме нешто. Но за тоа е потребна поголема координација помеѓу владата, образовниот систем, бизнис-заедницата и дијаспората, со јасна стратегија и конкретни чекори.

Дел од младите Македонци гледаат иднина само надвор од државата. Што би им кажале на тие што не веруваат дека тука може да се изгради успешна кариера и квалитетен живот?

-Ова прашање е длабоко поврзано со сите претходни. Имам лично пријатели од дијаспората кои се вратиле да живеат во Македонија – кога ги измериле сите предности и недостатоци на животот во странство, увиделе дека тревата не е толку зелена на другата страна. Имам видено толку успешни луѓе овде, и млади, полни со енергија и идеи. Клучот е во духот и верувањето. Но, само верувањето не е доволно – треба и конкретна поддршка: повеќе ментори, повеќе програми за млади претприемачи, повеќе можности за практично учење. Тоа е заедничка одговорност – на државата, на бизнисите, на дијаспората. Моментот е сега, нема простор за чекање.

Што беше најголемиот културен шок кога од шведски институции и систем дојдовте да работите со балкански менталитет и динамика?

-Апсолутно – бирократијата! Шведска е веќе една од најдигитализираните земји во светот и владините агенции активно ги користат дигиталните алатки и вештачката интелигенција за да ги подобрат ефикасноста и квалитетот на работата. Да дојдеш оттаму во средина каде сè функционира со печати, потписи и нотари – тоа навистина е шок. Сè уште не сум навикнат да носам печат насекаде и да одам кај нотар секоја недела. Ова не е само неудобност – тоа директно влијае на атрактивноста за странски инвеститори. Дигитализацијата на јавните услуги е едно од нештата кои итно треба да се решат.

Колку е тешко денес да се гради доверба помеѓу бизнис-заедници од различни земји, особено во време на политичка нестабилност и економска несигурност?

-Верувам дека е полесно отколку што повеќето луѓе мислат – но само, ако го имаш вистинскиот посредник. Токму тука организации како нашата Комора играат незаменлива улога. Начините на правење бизнис навистина се различни помеѓу Шведска и Македонија – во комуникацискиот стил, во градењето односи, во донесувањето одлуки. Но, со вистинските партнери кои ги разбираат двете страни, можно е да се избегнат грешки и да се создадат трајни и успешни соработки. Тоа е точно она за коешто Комората постои.

Во Европа денес многу се зборува за „зелена економија”. Дали ние навистина можеме да станеме дел од таа транзиција или ризикуваме повторно да заостануваме?

-Јас го гледам ова само како можност, никако само како товар. Зелената транзиција не е нешто наметнато одвнатре – тоа е шанса да се модернизира економијата, да се привлечат нови инвестиции и да се позиционира Македонија на вистинската страна на историјата. Американската амбасада го идентификуваше секторот на зелена енергија и дигитализацијата како области зрели за инвестиции, поради растечката посветеност на владата кон овие стратешки сектори. Треба да го фатиме моментот, да ги слушнеме меѓународните партнери кои можат да помогнат, и да работиме на адаптација со максимален интерес за нашата сопствена иднина.

Што би сакале државава да научи од Шведска, а што Шведска можеби би можела да научи од Северна Македонија?

-Македонија од Шведска може да научи многу: доверба во институциите и владеење на правото како основа за градење нешто поголемо; иновативен начин на размислување; и отворена демократска култура каде е дозволено да се обиде и да се погреши – тоа е нешто многу вредно. Потоа, дигитализацијата на јавните услуги, транспарентноста, долгорочното планирање. Но и Шведска може да научи нешто од Македонија! Топлината и гостопримливоста на луѓето, флексибилноста и способноста да се прилагодиш во тешки услови – тоа се квалитети кои на северноевропскиот менталитет честопати му недостасуваат. Во таа размена на вредности лежи вистинскиот потенцијал на билатералната соработка.

Кој сте приватно?

-Во моментов живеам во Скопје, и искрено – многу уживам. Градот има своја енергија, своја топлина, и луѓето се неверојатно срдечни. Немам никаков проблем да живеам овде, напротив, секој ден откривам нешто ново за него. Но, многу често се враќам и во Стокхолм, каде е мојот втор дом, моето семејство и пријателите со кои сум растел. За мене, директните летови помеѓу Скопје и Стокхолм се буквално сон кој се оствари. Тоа е моето идеално сценарио – да можам лесно да се движам помеѓу двата мои дома, без компликации, без долги патувања со прекин во некој трет град. Кога имаш две земји во срцето, директната линија не е само удобност – тоа е начин на живот.

Слободното време, кога го имам, го поминувам активно. Сакам да истражувам – нови места, нови ресторани, нови луѓе. Скопје ми нуди многу во тој поглед. Уживам во природата, во убавите предели кои Македонија ги има во изобилство, а кои сè уште се недоволно познати во светот. Добрата храна и доброто друштво се нешта за кои никогаш немам дилема. 

МИА

Може да ви се допадне

Славески: Народната банка треба да добие механизми за ограничување на банкарските надоместоци
Во грчките градови Кожани и Агринио уапсени 13 лица за измами со европските земјоделски субвенции во висина од 2,5 милиони евра
Формиран совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања на Стопанската комора
Без струја делови од Бутел
На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Таг:бирократијаБјорн Наумовски ВискиустешкотиитетоплинатаШвеѓаните
Претходен напис Во грчките градови Кожани и Агринио уапсени 13 лица за измами со европските земјоделски субвенции во висина од 2,5 милиони евра
Следен напис Славески: Народната банка треба да добие механизми за ограничување на банкарските надоместоци
Остави коментар Остави коментар

Напишете коментар Откажи одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad imageAd image
Ad image
Страници

Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој


Агенција за храна и ветеринарство


Регистри на државно земјиште


Електронско наддавање


ИПАРД


Државен инспекторат за земјоделство


Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството


Консолидација на земјоделско земјиште


Македонски почвен информативен систем (МАСИС)


Кампања на ЕФСА „Стоп за африканската свинска чума“


МЗШВ закони


/ Накратко за нас /

Агротим.мк е специјализирана платформа за информации од агрокомплексот и агроберза.

Агротим.мк функционира како сервис на земјоделците и претставува систем кој ги интегрира сите чинители во овој сектор – Земјоделските примарни производители, преработувачите, откупувачите, трговците и Владата преку доближување на мерките кои се во интерес на профитабилен агробизнис.

Голем дел од нашиот ангажман го посветуваме на едукација на земјоделците преку директни контакти и средби, а со цел приближување на европските стандарди за конкурентно и профитабилно земјоделство.

/ Страници /

  • • За нас
  • • Импресум
  • • Маркетинг
  • • Услови за користење
  • • Контакт
Ad image
СИТЕ ПРАВА СЕ ЗАДРЖАНИ © АГРОТИМ МК - 2024
Welcome Back!

Sign in to your account

Lost your password?