Прв пат по повеќе од 30 години, вработените од ЈУ Национален парк „Пелистер“ почнаа да го расчистуваат патот од Инфо Центар (1350 мнв) до местото викано Ловечка Куќа (2000мнв) со вкупна должина од осум километри.
Некатегоризираниот пат се наоѓа во т.н. бафер зона или неутрална зона која не е под заштита и поради недоволната грижа во изминатиот период, уредувачките активности ќе се одвиваат во две фази, информираа од ЈУ Национален парк „Пелистер“.

-Првата фаза опфаќа отстранување на вегетација која е физиолошки ослабена и претставува закана по безбедноста на сите минувачи на патот и предвидено е истата да трае до крајот на идниот месец. Втората фаза предвидува уредување на коловозна површина и каналите за дренажа покрај патот. Според нашиот план активностите треба да завршат најдоцна до 13 јули – истакна Иванчо Тошевски, директор на ЈУ Национален парк „Пелистер“-Битола.
Од Јавната установа посочуваат дека патниот правец претставува единствена опција за комуникација со повисоките региони на паркот и се користи за активности поврзани со видео мониторинг, заштита на природа, противпожарна заштита и надзор од страна на ренџерската служба.
ЈУНП „Пелистер“
