Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески денеска во Загреб ќе се обрати на отворањето на меѓународната конференција „Општество и технологија – 2026“, манифестација на која Комората е еден од ко-организаторите заедно со Стопанската комора на Хрватска, Коморите на Индустрија и Трговија и на занаетчиство и мали бизнис на Словенија, Регионалните комори на Приморска, Словенија и Штаерска од Австрија, како и Универзитетот Алма Матер Еуропеа од Марибор.
На отворањето најавено е обраќање на премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Целта е преку дебати и дискусија да се најдат начини како да се поврзе знаењето и општествената пракса, да се поттикне комплементарната и интердисциплинарната соработка меѓу научните и економските институции.
– Технолошкиот развој базиран на научни сознанија и опфаќајќи ги сите аспекти на дигитализацијата и напредните системи за вештачка интелигенција бара длабоки промени во сите општествени подсистеми, за што се потребни решенија до кои се стига преку вакви форми на излагања на глобално признати експерти и стручни лица, како што се учесниците во повеќе панел сесиии на конференцијата во Загреб. Стратешката мисија на конференцијата е потрага по нови решенија кои можат да придонесат кон воспоставување рамнотежа помеѓу технолошкиот развој и општествениот напредок, велат од Стопанската комора.
Конференцијата се одржува во период на исклучително интензивни глобални миграциски процеси, што на целиот настан му дава дополнителна научна и општествена релевантност. Преку стручни дискусии, научна ригорозност и аргументирана дебата, учесниците ќе придонесат кон отворање нови согледувања за развојот на современите економии и општества во контекст на глобалната мобилност како предизвик, но и како можност.
На конференцијата во Загреб, говорник ќе биде и Марјан Бојаџиев, еден од потпретседателите на Стопанската комора.
Стопанска комора
