Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации предупреди дека евентуално затворање на Ормуската Теснина би можело сериозно да го наруши глобалниот пазар на храна и да предизвика нов бран поскапувања во наредната година.
Според ФАО, сегашните одлуки што ги носат владите и земјоделските производители ќе бидат клучни за тоа дали светот ќе се соочи со дополнителен ценовен шок кон крајот на 2026 или почетокот на 2027 година. Особено важни ќе бидат политиките за увоз, снабдување со ѓубрива, финансиска поддршка и изборот на земјоделски култури.
Од организацијата посочуваат дека последиците од нестабилноста на Блискиот Исток веќе се чувствуваат на светските пазари. Индексот на цените на храната на ФАО бележи раст трет месец по ред, главно поради поскапувањето на енергенсите и проблемите во транспортот и трговијата.
Експертите предупредуваат дека кризата би можела постепено да се продлабочува – најпрво преку повисоки цени на горивата и енергијата, потоа преку поскапување на ѓубривата и семињата, што би довело до послаби приноси и повисоки цени на земјоделските производи. На крајот, товарот би го почувствувале граѓаните преку поскапа храна во продавниците.
ФАО ги повика државите навреме да обезбедат алтернативни транспортни и трговски рути, како и да избегнат ограничувања за извоз на храна и земјоделски суровини.
Најголем ризик постои за сиромашните држави во Азија, Африка и Латинска Америка, кои во голема мера зависат од увоз на азотни ѓубрива од Блискиот Исток и веќе се соочуваат со проблеми во снабдувањето со храна.
