„Кон крајот на март, за прв пат беше објавено затворање на продавниците поради корона вирусот во Велика Британија. Приближно во исто време, нарачав садови за расад и две паковања со семе од лиснат зеленчук. Речиси два месеци подоцна забраната за движење сè уште не беше укината, но мојот зеленчук порасна. За милијарди луѓе, глобалната пандемија предизвика период на длабока неизвесност и стагнација, но кога гледав како расти зеленчукт се чувствував некако смирено. Мислам дека не сум единствена во тоа“ вака за BBC го опиша своето искуство Ели Хауард која работо како фриленсер или поточно како хонорарец.
Нарачки за семе дури и од урбаните средини
Да се потсетиме на првите недели откако беше прогласена пандемијата. Глобалниот ланец на снабдување со храна беше во целосен хаос и сите се прашувавме дали ќе имаме доволно храна. Многу држави известуваа за стравот од недостаток на работна сила за време на бербата на зеленчук и како и во секоја криза, луѓето ги земаат работите во свои раце. Меѓу другото, евидентирана е значително поголема продажба на семиња.
Ваквите драстични промени и ваквото однесување на луѓето се споредува со производството на храна за време на Првата и Втората светска војна, кога недостигот на храна беше на критично ниво во сојузничките земји. Како одговор на тоа , нивните влади ги координираа кампањите со кои ги повикуваа граѓаните да помогнат во производството на храна, а обработувањето на земјата стана нивна должност.
Во Велика Британија, сеуште се памти кампањата наречена „Да копаме за победа“, која ја започна британското Министерство за земјоделство во 1939 година. Била толку многу успешна што за само три години биле доделени 1,7 милиони државни градини, а приватни градини имало дури 5 милиони.
Во исто време, едно хортикултурно списание го парафразирала тврдењето на Наполеон дека Англичаните биле нација на трговци и го напишале следното : „Можеме со целосно право да бидеме нација на градинари“. Имено, градините се вкоренети во британската свест, пишува Хауард, додавајќи дека Британците, градините ги доживуваат како приватно прибежиште, но и место за креативно изразување и гордост, што може да се види на нивните натпревари за овој вид на хоби.
„Градините на Победата“ не само што беа извор на храна за Британците, туку го поттикнуваа моралот и ја потенцираа важноста на благосостојбата за заедницата, со тоа што им овозможуваа на оние што останале дома да ја сфатат важноста на нивната улога во општеството. Истото се случи и за време на пандемијата, па покрај грижата за сопственото семејство, малите земјоделци ги делеа своите производи со соседите. Така, истражувањето покажа дека 42% од испитаниците ја ценат храната повеќе заради пандемија, а 10% за прв пат делат вишок садници и семиња.
Семето од домати беше најбарано во овој период, затоа што доматите лесно се одгледуваат и честопати тоа може да се прави и на балконите. Социјалните мрежи, исто така, одиграа голема улога во овој социјален феномен. Со помош на Фејсбук се организираше продажба и испорака на земјоделски производи.
Сигурни сме дека ова е само почеток и дека овој тренд во светот ќе продолжи. Па ако одлучите да сеете или садите зеленчук дури и сега, не е доцна. Освен фактот дека домашната храна ќе ви даде чувство на сигурност, големо задоволство е да ја споделите со вашите најблиски.
Извор:Агроклуб
