Во изминативе денови имавме сончево и топло време со мала до умерена облачност. Овие временски услови беа добредојдени за изведување на работи во поле. Ова е период кога може да се започне со садење на компирот, во наши услови тоа е од 10 април до 10 мај. Се смета дека најоптимален период (време) на садење на компирот е кога температурата на почвата изнесува 7-8°C, на длабочина од околу 10 cm или кога среднодневните температури на воздухот се стабилни и се над 8 °C. На отворено, овој месец или втората половина на април, се започнува да се сеат и некои видови на топлољубиви култури, кои имаат големи барања кон интезитетот на светлината. Останатите култури се исто така во интензивен развој.
Следува период на променливо облачно и претежно стабилно време. Денес ќе дува умерен до засилен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено силен северен ветер (над 60 km/h). Од денес до недела утринските температури на места ќе се спуштаат под нула степени и ќе има појава на утрински мразеви. До петок ќе дува северен, а од сабота попладне ветерот ќе го смени правецот во југоисточен.
Утринските негативни температури кои се очекуваат во текот на следните денови, особено на повисоките места, можат да предизвикаат појава на мраз. Најосетливи можат да бидат одредени овошни коскести видови, претежно оние кои се веќе процветени, но сепак многу зависи од позицијата на теренот, конфигурацијата на земјиштето, типот на почвата, времетраењето на бројот на денови со вакви температури, поточно области каде што постои ризик од мраз, и други фактори.
Препорака: Земјоделските производители да преземат содветни мерки за заштита на нивните посеви. Доколку почвените услови дозволуваат, може да продолжат со потребните агротехнички мерки, и изведување на работи во поле, како пролетна обработка на почвата, наводнување, уништување на плевели, внесување на ѓубрива, припрема на почвата за сеидба на раните пролетни култури, подготовка на почвата за сеење на топлољубивите поледелски култури, садење на одредени градинарски култури, заштита на растенијата кај овошните видови од појава и развој на болести и штетници, редовно следење на посевите како и други агротехнички активности. Минималната температура ќе се движи во интервал од -4°C на повисоките места, до 7°C, а максималната температура ќе се движи во интервал од 10°C до 22°C.
Извор: Агрометео
