Во Конгресниот центар при Занаетчискиот дом во Куманово од денеска до 4 април ќе се одржи Втората меѓународна научна агробизнис конференција „AGROMAK 2026“, под наслов „Локални ресурси и глобални предизвици: интегрирани пристапи кон одржлив рурален развој во ерата на климатските промени“.
Конференцијата претставува континуитет на научно-истражувачки процес започнат со Првата меѓународна агробизнис конференција „AGROMAK 2025“, реализирана во Свети Николе. Организатор е Комората на органски производители на Македонија (КОП), а настанот се одржува со учество на повеќе универзитети, научни институции и стручни здруженија од земјата, регионот и меѓународната научна заедница.
Оваа година, според КОП, „AGROMAK 2026“ ќе обедини широк спектар на соорганизатори, меѓу нив Земјоделскиот факултет при УГД – Штип, Технолошко-техничкиот факултет при УКЛО, Универзитетот во Тетово, Универзитет Бијељина, Центарот „ЦИНЕП“ од Белград, Академијата за хотелиерство и туризам од Белград, Универзитет Крагуевац и други. Поддршка доаѓа и од бројни партнери, институти, универзитети, центри за иновации и професионални здруженија од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Русија.
Организаторите истакнуваат дека целта на конференцијата е да ја доближи науката до аграрот, да создаде средина за размена на знаење и да отвори простор за нови партнерства. Според претседателот на Организациониот одбор, Драган Цветковиќ, ваквите собири се место на средба меѓу науката и практиката, важни за развојот на земјоделството, руралните заедници и младите истражувачи.
МИА
