Многу клиенти на банки во Германија генерално се отворени за употреба на вештачка интелигенција во финансиските услуги. Сепак, според едно истражување тие доста се плашат од протекување на податоци.
Најголемата предност на вештачката интелигенција (ВИ) е заштедата на време, изјавиле 46,7 проценти од 4.000 испитаници во анкета на компанијата Civey.
Скоро исто толку, 45,6 проценти, се грижат за можно протекување на податоци.
Четири петтини од испитаниците изјавиле дека безбедноста на податоците е клучна ако ботовите се користат за банкарски или финансиски задачи.
Две третини, или 65,5 проценти, изјавиле дека би користеле алатки за вештачка интелигенција кои ги предупредуваат доколку се на ивица да префрлат пари на измамник.
Повеќе од половина од испитаниците, 54,6 проценти, се подготвени да користат вештачка интелигенција за да најдат начини да избегнат такси и трошоци.
Придобивката од вештачката интелигенција за анализа на трошењето и давање персонализирани совети за штедење ја издвоиле 51,8 проценти.
Мнозинството испитаници, исто така, рекле дека прифаќаат помош од ботови за пополнување формулари, што е 55,1 процент, или за собирање информации потребни за апликации, 52,8 проценти.
Сепак, само 37,7 проценти посочиле дека би користеле целосно автоматизиран процес на кредитирање.
Спонзорите на анкетата велат дека ова веројатно се должи на страв од произволно или неправедно отфрлање на барањата.
Поддршката за вештачката интелигенција во процесот на одобрување на кредити е 55,4 проценти доколку службениците на банката ја проверат работата на ботот.
Анкетата за онлајн банкарството е нарачана од технолошката компанија Solaris, пишува dpa, пренесува Investor.me.
