Франција доби 400.000 дози вакцина од Холандија за да ги зголеми своите залихи, а воените ветеринари помагаат во вакцинирањето на околу 750.000 грла говеда.
Минатата недела, Франција се насочи кон необична мерка во борбата против говедската чвореста кожа и ја вклучи армијата во процесот на вакцинација. Целта е да се забрза имунизацијата на добитокот и да се спречи ширењето на болеста, која во јужните делови на земјата предизвика нов бран протести на земјоделците, пишува Agrarheute. Франција доби 400.000 дози вакцина од Холандија за да ги зголеми своите залихи од 500.000 дози. Воен транспортен авион достави дополнителни дози во воената база во Тулуз, а воените ветеринари помагаат во вакцинацијата на околу 750 илјади грла говеда.
Посебен акцент се става на руралните и тешко достапните подрачја, како што е регионот Ариеж, каде што има хроничен недостиг од цивилни ветеринари. Затоа, во помошта се вклучени десетици воени експерти за ветеринарна медицина, а властите планираат да ја завршат вакцинацијата во рок од еден месец. Чворестата кожа е многу заразна вирусна болест која ги погодува говедата и може да предизвика сериозни економски загуби.
Француската влада, во согласност со важечките протоколи, по потврдувањето на првиот случај нареди еутаназија на цели стада, што предизвика силен револт кај земјоделците. Здруженијата на земјоделци предупредуваат дека ваквите мерки го уништуваат постоењето на сточарите и дополнително ја влошуваат веќе тешката состојба во француското земјоделство, кое со години е оптоварено со зголемени трошоци, строги регулативи и конкуренцијата од увоз.
Незадоволството дополнително се засили во контекст на планираниот трговски договор на ЕУ со земјите од Меркосур, на кој земјоделците остро се спротивставуваат. На 18 декември, француските земјоделци им се придружија на своите европски колеги на протест во Брисел, каде што побараа од лидерите на ЕУ да не го одобрат Меркосур договорот.
Забрзаната кампања за вакцинација сега се смета за клучна алатка за смирување на ситуацијата и спречување на нови нарушувања пред празниците. Претседателот Емануел Макрон, исто така, се осврна на кризата, повторувајќи дека Франција нема да прифати трговски договор со Меркосур без дополнителни и посилни заштитни мерки за европските земјоделци.
