Во Топличкиот крај и на подрачјето на општина Мерошина се произведува една половина од вкупното производство на вишни во Србија. За нешто повеќе од еден месец во пониските предели ќе започне бербата на ова овошје.
Последиците од минатогодишната повеќемесечна суша, но и повеќегодишното нерентабилно производство и евидентните редуцирани употреби на агротехнички мерки, се забележливи кај поголем број на насади. Во подјастребачките села мал број на производители оваа година ќе се пофалат со добар род на овошјето.
-„ Послабо од минатата година. Нешто се случи во цветањето, уште има цветови на вишните, поделени се, и овие поситните кои се појавиле, веројатно ќе паднат“ – вели Србислав Баловиќ, овоштар од Мршељ.
Дејан Тонич, директор на ПСС во Прокупље, вели дека проценките за губење на плодовите се некаде од 50% – 70%.
– „Дефинитивно ќе имаме помал род во однос на минатата година. Се надеваме дека тоа би можело да ја зголеми откупната цена“.

Новата сезона на берба и откуп за откупувачите и извозниците, во овој дел на Србија, ја дочекуваат со ист или незначително зголемен капацитет за сместување и преработка. Од рака на овоштарите им оди и тоа што, покрај пандемијата, извозот на замрзнато овошје не запира.
– „ Практично целокупното договорено производство, односно, договорениот извоз од минатата година е реализиран. Кога го велам тоа, пред се мислам на вишните и останатите овошја од овој вид. Што се однесува до залихите , се очекува преработувачите да влезат во нова, порелаксирана кампања“ – изјави Драган Пауновиќ од Земјоделската комора на Србија.
Дали овошјето кое доаѓа ќе се бере на вообичаениот начин или и тука ќе се користат дополнителни заштитни и хигиенски мерки, според зборовите на стручњаците, пред се ќе зависи од понатмошниот развој на епидемиолошката ситуација. Поради помалиот број на берачи, последниве години, се поприсутна е машинската берба , која полека доминира.
