Европската агенција за животна средина (ЕЕА) предупреди дека, и покрај значителното намалување на стакленичките гасови и загадувањето на воздухот, состојбата на природата и климата во Европа и понатаму останува загрижувачка.
„Напредок е постигнат, но севкупната состојба не е добра“, се вели во најновиот извештај на ЕЕА, кој е подготвен врз основа на податоци од 38 земји и претставува најсеопфатна проценка за континентот.
Заменичката претседателка на Европската комисија, Тереса Рибера, нагласи дека екстремните временски услови се јасен сигнал за ранливоста на економијата и безбедноста пред климатските промени. „Заштитата на природата не е трошок, туку инвестиција во конкурентноста, отпорноста и благосостојбата на граѓаните“, истакна таа.
Според извештајот, емисиите на стакленички гасови во ЕУ се намалени за 37 отсто од 1990 година, најмногу поради намалена употреба на јаглен, нафта и гас. Во исто време, уделот на обновливите извори во производството на електрична енергија се удвоил од 2005 година.
И покрај позитивните трендови, Европа и понатаму се соочува со загуба на биодиверзитет, прекумерна експлоатација на водни ресурси, неустоиви модели на производство и потрошувачка, како и силна зависност на транспортот од фосилни горива. Загрижувачки е и фактот дека континентот се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек.
ЕЕА апелира до владите да го забрзаат спроведувањето на Зелената агенда на ЕУ за да се спречи дополнителна деградација и да се обезбеди стабилна иднина за граѓаните.
ЕЕА
