Македонија влегува во нов топлотен бран од Африка кој ќе ја држи земјата во тропска жештина најмалку до 15 август. Според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи, дневните температури во повеќето градови ќе достигнуваат од 35 до 40 степени, а ноќите ќе останат топли и без значително разладување.
Топлата и сува воздушна маса од југ ќе обезбеди стабилно, претежно сончево време, со можност за мала локална облачност, но без поголеми врнежи. Најинтензивно затоплување се очекува во петок и сабота, кога во југоисточните и централните делови живакот ќе се искачи до максимумот од 40°C.
Метеоролозите предупредуваат граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце во периодот од 11 до 17 часот, да пијат повеќе течности и да користат лесна, светла облека. Особено внимателни треба да бидат постарите лица, децата и хронично болните.
Иако жештините ќе го зафатат целото подрачје на земјата, највисоки температури се предвидуваат за Скопје, Валандово, Гевгелија и Демир Капија. Според прогнозата, стабилното и сушно време ќе продолжи и по 15 август, но со постепено намалување на температурите кон крајот на месецот.
