Чекање резултати од лабораториски анализи е најновиот изговор на косовските власти, кои повторно задржуваат македонски камиони со храна. Според информациите што ги добила Стопанската комора на Македонија од домашни извозни компании, на косовската страна на границата се задржуваат камиони од земјава, без соодветно образложение, со што се предизвикува економска штета и се нарушува трговската размена. Домашните производители за задржувањето на македонските камиони, велат дека е под изговор дека тоа се прави сè до добивањето резултати од лабораториски анализи.
Тие со официјален допис до надлежните институции во државата бараат итно преземање на неопходните мерки и нормализирање на протокот, а од Комората најавуваат дека претседателот Бранко Азески ќе се сретне со својот косовски колега Лулзим Рафуна за да се изнајде решение и да се одблокира застојот. Билјана Муратовска од Асоцијацијата „Макам транс“, за „Слободен печат“ вели дека ова не е транспортен проблем, туку претпоставена нетарифна бариера со која Косово си го штити домашното производство и пазарот. Според неа, возачите на камионите особено кога станува збор за товар со храна, мора да ги известат извозниците за да не бидат виновни доколку дојде до расипување на стоката.
– Бидејќи се работи за прехранбени производи, кои мора да бидат во согласност со здравствените и безбедносните стандарди, протокот треба да биде без застој за да не се наруши континуитетот на домашните извозници, што може да предизвика и финансиски импликации – нагласуваат и од СКСМ.
Извор – Слободен печат
