Денеска се наоѓаме Оризари, општина Кочани на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, со што започнува и жетвата на оваа култура. Ние како Министерство ја поддржуваме оваа манифестација се со цел да ја продолжиме традицијата и да го афирмираме постоењето на оваа битна житна култура за нас како држава. Оваа година ќе имаме богата жетва и зголемен принос на ориз, наш приоритет како Влада е да го заштитиме домашното производство. – изјави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
Во врска со поплаките од земјоделците дека поради увоз на бел ориз на залиха имаат околу пет илјади тона оризова арпа од минатогодишното производство, министерот нагласи дека не се работи за големи количини што можат да влијаат за намалување на откупните цени.
– Согласно информациите што ги добив од Државниот земоделски инспекторат нема сериозна количина увезен ориз, онаа количина што е во минимални рамки ја контролираме согласно квалитетот и безбедноста што треба да бидат запазени. Наша цел е кај оризот, но и кај сите останати култури, да работиме да го заштитиме домашното производство. Преостанатите залихи од минатата година се многу помали, во разговор со компаниите тие почнуваат да го откупуваат, а ние работиме земјоделците да имаат откупена количина ориз по рентабилна цена што ќе значи стимул за да се произведува во наредниот период, додаде министерот Трипуновски.

Во претстојниот период Министерството за земјоделство ќе следи како се одвива откупот на оризот и дали компаниите ги почитуваат сите законски норми, за да нема злоупотреба и манипулација на трудот на земјоделците.
