Протестите на земјоделците во Белгија, што почнаа викендов, продолжуваат и денеска со блокади на повеќе патни правци во земјата и на делови на Брисел, но и на дистрибутивни центри на синџири супермаркети.
Белгискиот Национален кризен центар денеска им препорача на граѓаните да избегнуваат патување кон Брисел со сопствени возила, особено во текот на утрешниот ден, за кога се најавени протести и блокади во градот, каде што треба да се одржи специјалниот Самит на ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според белгиската федерална полиција, од утрово на две локации се блокирани влезните и излезните пристапи на автопатот Е40 во источна Фландрија и тоа кај местото Алтер, меѓу Бриж и Гент, и кај Ветерен, во реонот на Дендермонде.
Блокадата на автопатот Е19 кај местото От-Итр во правец кон Брисел, што започна вчера, продолжува и денеска, а на истиот автопат се блокирана и делниците кон Монс кај Нивел и кон бриселскиот регион кај Худенг.

По вчерашната блокада на дистрибутивниот центар на „Алди“ во Ву-сур-Сур, групи земјоделци од синоќа ги блокираа и магацините на „Колројт“ во Гиленгиен и Олињи во околината на Хено, а од утрово и на „Лидл“ во местото Аје во јужна Белгија, што предизвика прекин во снабдувањето на супермаркетите на двете компании.
– Од вторник во 18 часот, фармерите го блокираат пристапот до нашите дистрибутивни центри во Олињи и Гиленгиен. Токму во овие дистрибутивни центри се складира храна, вода и пијалаци за нашите продавници ширум Белгија, соопшти денеска „Колројт“, посочувајќи дека демонстрантите не дозволуваат камиони ниту да влезат, ниту да излезат од магацините, што сепак засега не резултира со недостиг на стоки во супермаркетите на компанијата.
Од „Колројт“ додаваат и дека дополнителен проблем во снабдувањето претставува и тоа што некои од нивните камиони за дистрибуција на стоки се заглавени на земјоделските блокади на патните правци.
Фламанскиот Генерален синдикат на фармерите (АБС) за денеска најави блокирање на приодите кон пристаништето во Антверпен, поради што пристанишната управа им препорача на вработените да работат од дома.

Валонската земјоделска федерација (ФВА), пак, соопшти дека на утрешните протести во Брисел на белгиските земјоделци ќе им се придружат и нивни колеги од Шпанија, Португалија и Италија.
Според претседателката на ФВА, Маријан Стрел, вчера се одржал состанок на Комитетот на професионални земјоделски организации на ЕУ (КОПА) на која претставници од овие три земји најавиле учество на протестите во Брисел.
– Југот на Европа сака в четврток во Брисел да ни се придружи во изразувањето на нашето незадоволство, изјави Стрел.
Вчера, пак, имаше најави дека на протестот во Брисел ќе пристигнат и земјоделци од северна Франција и Луксембург.

Поради најавениот утрешен протест во Брисел, полицијата соопшти дека од утре од 7 часот за сообраќај ќе бидат затворени пристапните тунели и улиците што водат кон плоштадот Шуман, каде се наоѓаат зградите на Европската комисија и Советот на ЕУ.
Протести се најавени и на плоштадот Луксембург, кој исто така се наоѓа во т.н. „европски кварт“ на Брисел, каде уште од утринските часови се очекува да почнат да пристигнуваат поголем број земјоделци со трактори.
Бриселската полиција им препорача на жителите на градот во текот на утрешниот ден да избегнуваат движење со автомобили и наместо тоа да користат јавен превоз, пред се локалните возови и метрото, бидејќи автобусите и трамваите, исто така, најверојатно ќе бидат заглавени во сообраќајниот метеж.
Група земјоделци со околу 20 трактори од вчера изутрина го блокираа и плоштадот Меус, недалеку од зградата на Европскиот парламент во Брисел, каде пристигнаа во текот на претходната ноќ. Полицијата соопшти дека главно станува збор за земјоделци од реонот на градот Шарлроа, кој се наоѓа на околу 60 километри јужно од Брисел, и кои најавиле дека немаат намера да ја отстранат блокадата до четврток, па не е исклучено ним да им се придружат и нивни колеги од други делови на земјата, кои би пристигнале за утрешниот протест.

Фламанскиот Сојуз на фармерите (ББ) за утре најави протести и во Гент и Генк, потенцирајќи дека ќе ги поддржи сите спонтани собири на фармерите и земјоделските организации „во наредните недели, со цел гласот на земјоделците да се слушне јасно и на ненасилен начин“.
Белгиските земјоделци бараат намалување на административното оптоварување и олабавување на европските еколошки политики, со цел, како што тврдат, да му се овозможи на земјоделскиот сектор да биде „вистински економски, еколошки и социјално одржлив“.
Според земјоделските асоцијации, потребно е „итно вистинско поедноставување на административните процедури“, „длабинска“ ревизија на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, како и спроведување на „економска, еколошка и социјална проценка од страна на Европската комисија за последиците од сите закони и ограничувања што таа ги воведе во земјоделството во последните години“.
Покрај ова, тие бараат и компензација за „сите ограничувања“, субвенции за покривање на зголемените трошоци како последица на инфлацијата, ограничување на слободниот увоз на земјоделски производи од трети земји што не ги исполнуваат стандардите што важат за продуктите од ЕУ, како и олеснет пристап до земјоделско земјиште.
МИА
