Денеска, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, државниот секретар Реџаил Исмили, директорот на Платежната агенција Никица Бачовски и заменик директорот Ремзи Абдулахи, доделија 206 договори во вредност од 1.5 милиони евра за модернизација на земјоделските стопанства преку мерката „Бизнис План“ од Програмата за рурален развој за 2023 година..
„Мерката „Бизнис План“ ја воведовме за прв пат оваа година, а денес ја финализираме со бројки за почит, со што оваа мерка се покажа како една од најдобрите, најпотребните или народски кажано полн погодок. Сме успеале да допреме до сржта на очекувањата на земјоделците, да им го дадеме токму тоа што го сакаат и што им треба. Впрочем така започна оваа успешна приказна, ние рековме ајде да креираме нова мерка, потполно различна како ниедна друга до сега и да им дадеме можност на земјоделците самите да кажат и да одберат што им треба. Не ние да им кажуваме за што да аплицираат, туку тие самите да си одберат какова опрема им треба за да го развиваат производството. И токму тука лежи успехот“ посочи министерот Николовски.

„Бизнис План“ е нова мерка која за прв пат стартуваше оваа година преку јавен повик кој беше објавен на 10.05.2023 година. По обработката на податоците, Платежната агенција одобри 206 апликации кои во целост ги исполнуваат условите.
„Одобрени се 206 апликации. Тоа се 206 одлични идеи за земјоделски бизнис. Ова значи дека сме покренале лавина од мисли, идеи, предлози, тоа е лавина од нова надеж кај земјоделците и нивните семејства, нова желба за работа, нов поттик, ново ентузијастичко размислување дека ДРЖАВАТА силно ги подджува земјоделците, со неповратни финансиски средства во форма на грант до 10.000 евра по корисник. Огромно беше задоволството да се читаат сите тие апликации, сите тие идеи за бизнис во агросекторот, модернизација и унапредување на земјоделското производство особено од млади земјоделци и млади жени земјоделки. Што значи сето ова? Ова значи дека агросекторот расте, агросекторот се модернизира, се подмладува, одиме напред, се развиваме по европски терк. Ова значи и дека земјоделците повторно и повторно ни искажаа доверба, луѓето покажаа дека веруваат во институциите, веруваат во државата. Ова не се социјални мерки за помош, ова се мерки за иднина и развој. Ова се докази дека со добра стратегија и тоа како може да се постигнат високи резултати“ рече министерот Николовски.

Одобрените 206 барања за грант се со вкупна сума од 86.000.000 денари или 1.5 милиони евра. При тоа, барањата се од сите региони во државава. Од вкупно одобрените 206 апликации, 115 се за жени земјоделки носители на земјоделски стопанства, а 121 апликација се одобрени за млади земјоделци (мажи и жени на возраст до 40 години). Ова значи дека мерката потполно ја остварила својата цел, да ги поддржи младите кои имаат визија и желба преку земјоделскиот сектор да градат иднина дома. А жените земјоделки, благодарение на сите наши политики за нивна поддршка, стануваат се похрабри, и се посилно го развиваат домашното производство кое им носи профит, а истовремено им овозможува да живеат и работат онаму каде им е домот и семејството.
Со мерката „Бизнис План“, поттикнуваме набавка на земјоделска механизација, пчеларска опрема, силоси, опрема во објекти за производство на храна од животинско и/или неживотинско потекло, опрема за навигација и смарт земјоделство, машини за разбивање на мраз, инвестиции во објекти на фарми за обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, опрема за производство на тутун, хардвер и софтвер за примарно земјоделско производство и уште многу други предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година.
Уште една многу значајна поддршка која успеавме да ја реализираме а која е исклучително потребна и од голема помош за земјоделците, е новиот Закон за советодавни услуги. Со овој закон ја заокружуваме поддршката, што значи дека освен финансиската поддршка во форма на грантови по разни мерки, со новиот Закон земјоделците ќе добиваат и стручни совети за да можат уште повеќе да го унапредуваат своето производство. Ова е нова можност за професионализација на советодавните услуги преку која на земјоделците директно ќе им се доближат знаењето, вештините и искуствата за најновите практики и технологии што се применуваат во земјоделското производство, а кои директно ќе влијаат на зголемено, одржливо и конкурентно земјоделско производство, по европски терк.

„Ви честитам на сите. Ви благодарам за искажаната доверба.Ви благодарам и за храброста, за одличните планови за бизнис во агросекторот, за иновативните идеи. Ви благодарам и што го унапредувате земјоделскиот сектор а со тоа и помагате на домашната економија и придонесувате за зголемено домашно производство.Ви поскувам многу успех во реализацијата на вашите бизнис планови. Искрено посакувам овие 10.000 евра да ги мултиплицирате и да ви донесат нови успеси и големи резултати во вашето работење“ рече министерот Николовски пред полна сала земјоделци кои дојдоа да ги подигнат договорите.
Како министерство, пред земјоделците, дадовме збор дека оваа оваа 2023 година, ќе биде година на нови можности во земјоделството. Креиравме повеќе нови прогами за поддршка на земјоделците, а стартуваше со примена и новиот модел за субвенционирање. Новите програми беа со главен фокус на малите производители на храна и пијалоци. Па така, креиравме нова програма за поддршка на малите производители на храна од животинско и неживотинско потекло со грант до 10.000 евра. Ја продолживме програмата за поддршка на малите семејни винарии со грант до 10.000 евра, надоградувајќи ја, за прв пат, со поддршка и за малите дестилерии со грант до 5000 евра.
Иако нови, интересот за овие програми беше голем, а тоа го потврдуваат и бројките. За само една година, поддржавме над 250 мали производители на храна и пијалоци или заедно со денешните 206 договори за Бизнис План, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство додели над 450 договори за модернизација на земјоделските стопанства од целата држава.
