По долгогодишно истражување и тестирање, месото одгледувано од животински клетки официјално ќе стане дел од американскиот прехранбен систем. Американското Министерство за земјоделство (USDA) за прв пат одобри производство и продажба на лабораториски одгледувано месо.
Се создава со земање клетки од животни кои се хранат со амино киселини, витамини и минерали во лабораторија и се размножуваат во т.н. култиватори. После тоа се меле и од него се прават плескавици, колбаси и слични производи.
Бил Гејтс еден од инвеститорите
Засега, двајца производители добиле дозвола за производство и пласирање, UPSIDE Foods, во која Бил Гејтс инвестира со години и Good Meat, кој ќе произведува култивирано пилешко месо, пишува Prnewswire.
Наведуваат дека индустријата за храна и земјоделски производи ја поздравила одлуката како „историски“ момент, додека научниците го фалат месото одгледано во лабораторија како можно решение за глобалното затоплување, суровоста врз животните и растечката глобална глад.
„Ова одобрување суштински ќе го промени начинот на кој месото доаѓа на нашата трпеза. Тоа е голем чекор напред кон одржлива иднина која го зачувува изборот и животот“, рече д-р Ума Валети, извршен директор и основач на Upside Foods.
Своите производи на американските потрошувачи ќе им ги нудат преку партнерските ресторани, а по „пробниот“ период, планот им е да го зголемат производството на пилешко и да го прошират на говедско месо со поголем процент на маснотии и, како што тврдат, пополн вкус.
Како што беше очекувано, многумина се скептични за овој вид на храна поради безбедносните ризици бидејќи нема доволно истражувања за тоа како ова месо влијае на човечкото тело.
Исто така, сточарите и земјоделските организации се вознемирени поради можните последици за нивниот бизнис доколку тој биде широко прифатен со текот на годините, пишува New York Times.
Експертите веруваат дека, откако ќе се најдат на полиците, лабораториски создадените колбаси и хамбургери ќе бидат поскапи од обичните, но дека тоа нема премногу да влијае на нивното купување.
Службата за безбедност на храна и инспекција на Министерството за земјоделство на САД сè уште развива регулативи за тоа како треба да се означат прехранбените производи добиени од животински клетки. Засега двете калифорниски компании своите производи ќе ги нарекуваат „пилешко одгледано во клетки“.
