Украина го прекинува извозот на четири главни култури – пченица, пченка, сончоглед и маслодајна репка – во Полска до почетокот на новата сезона, 1 јули 2023 година, изјави министерот за аграрна политика на Украина. Оваа одлука е донесена по состанокот со новоименуваниот шеф на Министерството за земјоделство и рурален развој на Полска, Роберт Телус, се наведува во соопштението на украинското Министерство.
Министрите се согласиле во рок од една недела Украина и Полска да подготват нови правила за транзит на земјоделски култури.
„Зачувана е можноста за транзит преку територијата на Полска до други земји членки на ЕУ, како и надвор од неа, а постапката ќе биде поедноставена со цел да се елиминираат сообраќајниот метеж и редиците на контролните пунктови“, рече Солскиј по средбата.
Тој, исто така, препорача извозниците да ја разгледаат можноста за пренасочување на товарот низ други земји.
Минатата недела, освен полските земјоделци, протестираа и земјоделците во Романија и Бугарија. Тие го блокираа сообраќајот и граниЍните контроли со трактори и камиони, повикувајќи ја Европската комисија да интервенира.
Тврдат дека украинскиот увоз ги преплавува локалните пазари и значително ги намалува нивните цени, бидејќи минатата година ЕУ ги укина царините и увозните квоти за нивните земјоделски производи за да го олесни транспортот до пазарите на трети земји.
Со тек на време, растеше незадоволството кај земјоделците во Централна и Источна Европа поради евтиниот увоз на житарки од Украина, кој е ослободен од царина до јуни 2024 година.
Во исто време, рутата на Црното Море исто така беше доведена во прашање, бидејќи Русија во петокот се закани дека ќе го раскине договорот за жито, постигнат со посредство на ОН, доколку не се отстранат пречките за нејзиниот извоз на земјоделски производи, пренесе Ројтерс.
Додека извозот на руска храна и ѓубрива не е предмет на санкции од Западот, Москва тврди дека ограничувањата на плаќањата, логистиката и осигурувањето претставуваат пречка.
