Професорот Мишо Христовски е роден на 21.07.1956 година во Кочани, Република Македонија. Основно и средно образование завршил во Делчево. Дипломирал на Факултет за ветеринарна медицина во Белград во 1981 година. Магистрирал од областа на безбедноста на храната на истиот факултет во 1986 година а докторски студии завршил во Белград во 1994 година. Од 1983 година работи во Ветеринарниот институт во Скопје како помлад асистент и асистент. Од 1994 година е избран за доцент на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје. Вонреден професор е од 1999 година, а од 2004 година избран за редовен професор. Од основањето на Факултетот за ветеринарна медицина до денес е Раководител на Катедрата за Биологија и патологија на риби, пчели и дивеч. Извршувал голем број на функции на факултетот и универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје како сенатор, член на многу комисии, декан на Факултетот за ветеринарна медицина (2005-2009), пионер во Невладиниот сектор, основач на Националниот форум за заштита на животните на Македонија и во 1999 година преку кој ја добива престижната прва Европска награда на Хенри форд фондацијата во висина од 100.000$ за проектот „Проблемот со охридската јагула”. Бил претседател на Спортско-риболовниот сојуз на Македонија (1999-2007) и многу други функции и активности. Објавил повеќе од 100 научни и стручни трудови и објавил 15 книги со разна тематика од областа на ветеринарната медицина (рибарство, пчеларство и лов) како и книгата „Вино, култура и традиција“ за која ја добива првата награда на саемот на книги во 2009 година.
Д-р Мишо Христовски има одржано повеќе од 200 предавања од областа на Биологијата и болестите кај пчелите на пчеларите во Македонија и во странство, а исто така и од другите области од својот делокруг односно од рибарството, ловот и екологијата. Учествувал со трудови на повеќе конгреси, конференции, симпозиуми од разни области, посебно од областа на пчеларството, а во последно време и од областа на безбедноста на храната. Има свој пчеларник на падините на Водно во Скопје со повеќе од 50 кошници. Професорот Христовски за својот пчеларник како и производството на мед и други пчелни производи во 2013 година прв на Балканот го добива сертификат од MICHEL INSTITUT од Германија за безбедност и квалитет на храна за мали и средни претпријатија и исто така се стекнува со сертификат за аудитор по овој стандард. Во суштината на сиве овие научни дисциплини како финални производи секако дека се производите кои се користат за исхрана на човекот: мед, други пчелни производи, риба и преработки на риби као и сите други производи од животинско потекло кои се дел од професионалната дејност на професорот Христовски. Може да се каже дека од самиот почеток на работната кариера на професорот Христовски од 1983 година кога започнува со постдипломски на областа Хигиена и технологија на месо и млеко на Белградскиот универзитет, па до ден денешен предизвиците со безбедноста на храната се присутни со големо внимание и интерес. Во еволуцијата на личноста на професорот Христовски се заокружува интересна биографија со компетенции за широкото поле на ветеринарната медицина опишана преку здравјето на животните, зоонозите, здравјето на луѓето, заштитата на животната средина како и благосостојбата на животните и се разбира луѓето. Затоа, безбедноста и квалитетот на храната, обуките и аудитите на производителите, преработувачите и сите други оператори со храна како и стандардите со кои се опишани овие области се предизвици за кои д-р Христовски во последно време со голема посветеност и љубов го посветува професионалниот и приватниот ангажман.
Почина професорот Мишо Христовски
Остави коментар
Остави коментар
