Откако се најави пред извесно време грантот од 10.000 евра , интересот кај земјоделските производители беше голем што покажа дека МЗШВ креира добра мерка за поддршка и мотивација за создавања мали семејни бизниси.
Но, има реакции од земјоделците дека нема да се искористи мерката од 10.000 евра оти многу не се регистрирани или не знаат како да се регистрираат во Агенцијата за храна и ветеринарство за продажба од куќен праг. Постапката е едноставна, но потребна е желба кај производителите и едукација како да аплицираат.
Почитувани земјоделци, на сите веќе треба да ви е јасно дека морате да фатите чекор со новите модерни текови во земјоделството ако сакате да бидете профитабилни. Заврши времето на садење, сеење, произведување, без да знаете на кого ќе го продадете родот или производот. Заврши времето на жалење и поплаки и чекање од државата повисоки цени, без да превземете нешто сами. И најпосле почнува ново време на прилагодување на нашето производство со европското, оти натаму сме тргнати и сите мерки што сега и годиниве што доаѓаат до влезот во ЕУ ќе бидат усогласувани со Заедничката земјоделска политика на Европската Унија.
Значи, не пружајте отпор, ако се бара да бидете регистрирани по правилниците за продажба од куќен праг, регистрирајте се, постапката е едноставна, само треба да се обратите до подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство и да ги пополните документите. Верувајте, тоа е најдоброто решение за вас, така ќе имате можност со помош на државата да инвестирате, да се развивате, да се модернизирате и најмногу да можете сами да продавате од „прва рака“ наместо да се молите на трговците. Односно имате шанса да развиете свој семеен бизнис кој секако го работите но сега со сигурен пласман и профит.
Не ја пропуштајте шансата да станете сопственици на бизнис кој најдобро знаете да го работите и да профитирате.
Повеќе информации за актуелниот повик но и за се друго од областа на агробизнисот можете да добиете во Подрачните единици на МЗШВ, АХВ и советниците од АПРЗ.
И секако на Агротим.мк
Ленче Николовска
