Во својата прва прогноза за жетвата во 2023 година, Cocereal, европското здружение, кое, меѓу другото, ги здружува трговците со житарки, ја проценува вкупната жетва во земјите членки на Европската Унија и Велика Британија на 304,4 милиони тони. Ова е речиси 20 милиони тони повеќе од 285,1 милиони ожнеани во 2022 година.
Производството на пченица (без дурум) се прогнозира на 143,2 милиони тони, што е повеќе од овогодинешните 140,7 милиони тони. Поголем род особено се очекува во Шпанија, каде што се надеваат дека ќе се вратат на нормалните приноси откако оваа година беа погодени од суша.
Производството на јачмен се предвидува на 60 милиони тони, нешто повеќе од 58,5 милиони тони во 2022 година.
Зголемено производство на пченка
За пченката предвидуваат значително подобрување, проценувајќи го родот на 64,5 милиони тони, што е речиси 14 милиони тони повеќе во споредба со 2022 година, кога беа собрани 50,7 милиони тони. Поголеми приноси се очекуваат во балканските земји, Унгарија, Франција, Германија, Италија и Шпанија.
Кога станува збор за маслодајната репка, производството во ЕУ и Велика Британија би можело да изнесува 20,4 милиони тони наспроти 20,6 милиони тони во 2022 година, со дополнително зголемување на површините.
Во соседна Србија не предвидуваат зголемување на површините со пченка (1.020.000 ха), но просечниот принос би требало да се зголеми од 4,1 т/ха на 7 т/ха, а вкупното производство од 4,18 мил. тони во 2022 година на 7,21 милиони тони во 2023 година.
Во Македонија, производството на пченица и пченка во 2023 година се очекува да се движи во приближни вредности како во 2022 година.
Детална прогноза за сите видови житарки можете да најдете во следниот ДОКУМЕНТ.
