По посетата на Обединетите Арапски Емирати, министерот Николовски рече дека во време на ваква криза, инвестициите во земјоделството се еден од приоритетите.
„Посетата на ОАЕ значи зголемена соработка и можен потенцијал за инвестиции во нашата држава. При средбата со премиерот на Обединетите Арапски Емирати, констатиравме дека во време на ваква криза инвестициите во земјоделството се еден од приоритетите. Важноста од поддршката од Фондовите за развојни проекти значат стимул за домашната економија.
Благодарност за срдечниот прием. Ги продолжуваме добрите односи меѓу двете земји со потенцијал за уште поголема соработка во иднина.“, рече Николовски.

Како што информираше Николовски, ОАЕ ја ставија Северна Македонија меѓу приоритетните земји за идни инвестиции. Меѓународниот совет на инвеститори и инвестициските фондови во ОАЕ изразиле голем интерес за инвестирање во преработувачката индустрија во делот на овошје и зеленчук, во овчарство и кланичните капацитети.
„Им го презентиравме капиталниот проект за модернизација и изградба на откупните центри во Струмица, Ресен и големата агроплатформа во Скопје, а силен фокус ставивме за можни инвестиции во изградба на брани и системи за наводнување. Договоривме и посета на нашата држава на кои ќе ги детализираме можните проекти и ќе ја зголемиме соработката.“, рече министерот.

