Во Охрид свечено беше отворено четвртото издание на Симпозиумот за земјоделство и храна ISAF 2022, во организација на факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје. На три дневниот симпозиум кој се организира по повод 75 години од постоењето на факултетот за земјоделски науки и храна како една од нашите најстари научно образовни институции ќе се дебатира за теми поврзани со предизвиците за зголемено производство на храна во време кога таа е се поскапа и се помалку се произведува.

-Драго ми е што на оваа тема деновиве ќе дискутираат најкомпетентни луѓе, оние кои знаат како, оние кои имаат желба да применуваат во пракса и ние како надлежно министерство кое има обврска да креира политики и мерки врз основа на вакви темелни и сеопфатни дискусии рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски на отворањето на симпозиумот.

Симпозиумот свечено за отворен го прогласи ректорот на универзитетот Св. Кирил и Методиј Проф. д-р Никола Јанкуловски кој ја нагласи важноста на факултетот за земјоделски науки и храна. На отворањето гостите ги поздрави и деканот.
-Овој симпозиум кој е најголем собир на научната и стручна јавност е одлична можност да се разменат знаењата и новите технологии помеѓу науката и стопанствениците за да се зголеми производството на храна во земјава рече Проф. д-р Вјекослав Танасковиќ деканот на факултетот за земјоделски науки и храна.

Пред присутните преку видео конференција се обрати и нобеловецот Проф.д-р Рикадо Валентини кој зборуваше за важноста да се намали емисијата на стакленички гасови за да се намалат негативните ефекти на глобалното затоплување. Деканот на сараевскиот факултет за земјоделство Мухамед Брка нагласи дека времето на евтина храна помина и веќе и ИТ инженерите не се главни туку ние кои произведуваме храна за сите да имаат што да доручкуваат.

