Норвешкиот производител на вештачки ѓубрива „Yara“ во соопштение минатата недела најави дополнително намалување на производството поради рекордно високите цени на гасот во Европа. Во својот производствен систем ќе користи само околу 35 отсто од капацитетот за производство на амонијак, што ќе го намали годишниот капацитет еквивалент на 3,1 милиони тони амонијак и четири милиони тони готови производи (1,8 милиони тони уреа, 1,9 милиони тони нитрати и 0,3 милиони тони NPK).
Нагласуваат дека секаде каде што е можно, ќе го користат нивниот глобален систем за набавка и производство за да ги оптимизираат операциите и да ја задоволат побарувачката на купувачите, вклучително и да продолжат со производство на нитрати со употреба на увезен амонијак. Порачуваат дека ќе продолжат да ја следат состојбата и да се прилагодуваат на пазарните услови.
„Yara“ не е единствената. И другите европски хемиски компании, како „SKW Piesteritz“ и „BASF“ го намалуваат производството на амонијак, кој е клучен за производството на ѓубрива, пишува Reuters.
И британската филијала на американскиот „CF Industries Holdings“ минатата недела објави дека привремено ќе го прекине производството на амонијак во комплексот Билингем поради високите цени на природниот гас и јаглеродот.
Групацијата „Azoty“, најголемата полска хемиска компанија, најави и помало производство, посочувајќи го како „извонреден и незапомнет“ раст на цената на гасот. Но, како што пишува Farmer.pl, во таа земја нема да има недостиг од ѓубрива. Потпретседателот на менаџментот на Групацијата „Azoty Puławy“, Јацек Јанишек изјави дека имаат повеќе од 120.000 тони складирана стока.

Индија во четвртокот потпишала договор со Саудиска Арабија за годишно снабдување со 2,5 милиони тони амонијак и DAP (дијамониум фосфат) и ѓубрива NPK за следните три години.
Ваквата ситуација последователно доведува до скок на цените на пазарот. Најважниот меѓународен показател за цената на азотните ѓубрива, цената на уреата во Американскиот Залив, за само неколку дена скокна за 100 американски долари на нешто помалку од 660 долари за тон, пишува Агрархеуте.
