Пепелницата е добро познато габично заболување кое ги зафаќа листовите, цветовите и стеблото и остава бела прашкаста трага. Напаѓа многу видови растенија, вклучувајќи го и гравот. Оваа болест не само што го расипува изгледот на растението, туку може и целосно да го уништи. Сепак, охрабрувачки е тоа што може да се контролира и спречи. Штом се забележат првите знаци на болеста, потребно е да се реагира и да се преземат одредени чекори во нејзино сузбивање.
Идентификување на пепелница кај гравот
Габите од родот Erysiphe или Sphaerotheca се предизвикувачки агенси на пепелница кај гравот. На нивното ширење му годи топла и влажна средина, а раното препознавање е од суштинско значење бидејќи оваа габична болест може да го десеткува приносот на гравот.
Се шири по целата површина на растението, но најмногу се забележува на листовите и визуелно остава впечаток дека растението е посипано со прав од пепел.

Како да се контролира пепелница на гравот
За да се спречи појава и развој на пепелница кај гравот, неопходно е да се преземат одредени мерки. За почеток, би било добро да се избегнува наводнување одозгора, (секогаш кога е можно), а наводнувањето да се врши во раните утрински часови, за сонцето во текот на претпладнето да ги исуши листовите и стеблото.
Имајќи предвид дека растенијата кои се засадени густо, како што е случајот со гравот, се поподложни на габични заболувања, потребно е да им се обезбеди потпора на која би можеле да се искачуваат и која би им обезбедила добра проветреност.
Бидејќи спорите на овие габи можат да опстојат и во текот на зимата, важно е да се исчисти почвата од заразените растителни остатоци на крајот од сезоната.
Покрај тоа, неопходно е добро да се прихранат и наводнуваат растенијата за да можат да се спротивстават на габичните напади во доцната сезона на растење. Исто така, доколку во близина на растенијата од грав има рози или некои други украсни растенија, потребно е да се испрскаат со фунгицид на база на бакар.
Од друга страна, третирањето на гравот или која било друга култура што се користи за јадење со средство против пепелница е многу ризично, бидејќи достапните средства не се однесуваат на овие култури.
Затоа, разблажениот компостен чај, во сооднос од една мера чај и четири мери вода, е цврста заштита со која се избегнува и употребата на токсични материи.
Меѓутоа, доколку покрај гравот одгледувате култури кај кои пепелницата како габично заболување се јавува зачестено, можно е да се третира со некој фунгицид, но само во раната фаза од развојот на растението, односно пред цветањето и формирањето на плодот. Притоа, системските фунгициди не се добро решение бидејќи, освен што ги сузбиваат постоечките болести, тие исто така може да го контаминираат и плодот.
Против разните видови инфекции, растенијата треба да се третираат со сулфур што е можно порано во текот на сезоната на вегетација.
Хортикултурното масло или маслото од ним се користи како целосно природен лек за постоечката инфекција и веќе заразените растенија. Конечно, постојат и неколку биолошки контролори, во форма на корисни микроорганизми, кои можат да ја спречат појавата на пепелницата.
