Националната федерација на фармери (НФФ) оценува дека во однос на храната, земјава станува увозно зависна што загрижува посебно сега, во услови на здравствена, енергетска и економска криза, а не се исклучени и уште поголеми поскапувања на прехранбените производи.
-Tреба на сите да ни биде јасно дека стануваме увозно зависна држава за храна. Според статистиката, во 2020 година увозот на храна и живи животни изнесува 618 милиони евра, а извозот e 392 милиона евра. Најголем увоз се бележи кај месото, потоа се зеленчукот и овошјето, па житарките, млекото и млечните производи, како и шеќерoт. Овие факти загрижуваат и ние како увозно зависна земја, се соочуваме со негативни влијанија врз македонската економија. Ќе следуваат уште поголеми поскапувања на прехранбените производи и тоа се случува секаде во регионот, па и во светот. Притоа, најголема штета претрпуваат земјоделците и потрошувачите. Кај нас има еден парадокс – поскапуваат прехранбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени, без разлика што и тука цените на инпутите растат, како што се нафта, заштитни препарати, ѓубрива, додека сезонска работна сила нема или е многу скапа, вели за МИА претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.
Таа нагласува дека ваквите движења во земјоделството, каде што цените на откупените производи се многу ниски во однос на цените за производство, делуваат демотивирачки врз малите земјоделци кои стихијно почнуваат да ги намалуваат своите површини и да ги напуштаат руралните средини.
-Голем дел од земјоделците ги намалуваат своите површини, бидејќи имаат повисоки цени за производство од оние што се продажни. Неколку пати како НФФ сме потенцирале и сега ќе потенцираме дека треба да се развиваат преработувачките капацитети за да може да се зголеми откупот на домашни производи со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и овошје. Ова е навистина значаен сегмент кој може да поттикне и помогне на развојот на нашиот аграр. Посебно внимание треба да посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура во делот на патиштата, наводнувањето, одводнувањето и справувањето со климатските промени, но мора да се почитува и да функционира договорното производство согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Ако на ова не се работи, се разбира, дека како увозно зависна држава на прехранбени производи ќе имаме уште поскапување на прехрабените производи и тоа посебно на оние каде што потрошувачката е најголема, а тоа е лебот, млекото и месото, посочува Мојсовска.
Според неа, треба да се развиваат и да се јакнат синџирите за снабдување со храна од домашно производство. Немаме доволно домашно производство и увезуваме храна зашто секторот, како нископрофитабилен, не е воопшто атрактивен за младите луѓе, а и производство не е многу автоматизирано, оценува Агро бизнис комората при Сојузот на стопански комори.
-Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2021 година се увезени прехранбени производи во вредност од 745,4 милиони евра, што е годишен раст од 12,2 отсто во споредба со претходната 2020 година, додека растот во првите пет месеци од оваа година во споредба со истиот период лани изнесува 17 отсто. Најмногу се увезува месо и месни производи, потоа зеленчукот и овошјето, па жита и преработки од жита. Кога овие бројки ќе се стават во корелација со фактот дека имаме одлични природни и климатски услови за развој на земјоделството, станува јасно дека земјоделскиот сектор не добива соодветна поддршка од креаторите на политиките за раст и развој. Иако има некои позитивни иницијативи и заложби сепак таа поддршка често не е навремена и нема континуитет, истакнува претседателот на Агро бизнис комората Горан Ѓорѓиевски.
Земјава, дополнува, секако ќе биде погодена од глобалниот недостиг на храна, но колкава ќе биде димензијата не може точно да се каже бидејќи зависи од тоа кои мерките ќе се преземат за да се намалат несаканите ефекти.
-На пример, ако се стремиме да имаме организирано земјоделско производство, за есенска сеидба треба да биде донесени нови мерки за поддршка и тие да бидат објавени поскоро. Една од овие мерки треба да биде обезбедување бескаматни кредити за набавка на репроматеријали. Исто така во тек се разговори во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ за заеднички да изнајдеме начини за справување со горливите предизвици како недостигот на храна и на енергија, напоменува Ѓорѓиевски.
Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија смета дека иако е мала веројатноста дека ќе се соочиме со општ недостиг на прехранбени производи, реално е да се очекува намалена понуда во смисла на количини и асортиман на производи, како и приоретизација од страна на преработувачите. Притоа, како што велат од Здружението, треба да се има предвид и дека се стеснуваат можностите за надополнување на домашната потрошувачка со увоз зашто кризата со храна има пошироки размери не само во регионот околу нас, туку и во Европа.
-Реално е да се очекува и раст на цените за да се надоместат зголемените трошоци, зголемени цени и на увозните производи, но исто така е реално дека тој раст не може да оди до бесконечност, поради што ќе мора да стапат на сцена и мерки за поддршка на ранливите категории население (ваучери за потрошувачка), но и компензација на трошоците за преработувачите. Во моментов, домашното производство на сурово млеко, месо, пченица, сурово масло за јадење не може да ги покрие во целост домашните потреби. Но, тоа не е нешто ново или од понов датум. Дефицитот во надворешната трговија се провлекува веќе подолг период, кај одредени производи увозот е до три пати поголем од извозот (млечни производи). Главен извор на увоз, на суровина, но и на готов производ се соседните земји, каде сточарството и поледелството се понапредни, попродуктивни и каде фокусот е даден на давање земјиште за сопствено производство на сточна храна и намалување на зависноста од цените во трговијата. И овие можности за увоз се стеснуваат поради новонастанатата криза и во соседните земји од каде традицоинално увезуваме суровини сточна храна, појаснуваат од Здружението.
Според Здружението, прашањето е особено чувствително кога се работи за основните прехранбени производи.
-Реалноста во делот на млечната индустрија е дека домашното производство на млеко опаѓа веќе неколку години по ред, но падот особено ескалираше во последните шест месеци. Слична е ситуацијата и во делот на производство на житарки, говедско и пилешко месо (освен во свињарството, каде бројката бележи благ позитивен тренд). Тоа се должи на цела низа фактори, а особено климатски, како и на енормниот раст на цените на сточната храна, суровините, репроматеријалите и енергенсите. Домашните прерабоувачи се соочуваат со драстичен скок на влезните трошоци, што не може да биде во целост пресликано во крајната цена на производите, поради ограничената куповна моќ на потрошувачите, потенцираат од Стопанската комора.
МИА
