Русија и Украина денеска попладне во Истанбул ќе потпишат договор за извоз на житарки, соопшти синоќа турското претседателство.
На церемонијата на потпишување ќе учествуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и претставници на Русија и Украина, соопшти турското претседателство.
Станува збор за план на Обединетите нации да се деблокира извозот на украинската пченица и да и дозволи на Русија да извезува житарки и вештачко ѓубриво.
Гутереш работел на план кој би и овозможил на Украина да извезе милиони тони житарки од магацините блокирани во пристаништата на Црното Море во Украина поради војната. Тоа би можело да ја ублажи глобалната криза со храна која ги зголеми цените на пченицата и другите житарки.
Страните се состанаа минатата недела во Истанбул кога беше постигнат пробен договор за планот.
Планот предвидува заедничка контрола на бродовите кога тие заминуваат и пристигнуваат во пристаништата на Црното Море и механизам за обезбедување на безбедноста на рутите, рекоа турските власти.
Во Истанбул ќе биде формиран координативен центар за следење на извозот, кој би вклучувал претставници од ОН, Турција, Русија и Украина.
