Од повторното отворање на пловидбата низ каналот Дунав – Црно Море, во украинските пристаништа пристигнаа осум странски бродови за извоз на земјоделски производи, соопшти морнарицата на Украина.
„Поморскиот дел на вооружените сили на Украина се приклучи кон организацијата на транспортот на земјоделски производи со цивилни бродови преку сливот на реките Бистра и Дунав. Првите осум странски бродови веќе пристигнаа во украинските пристаништа“, се наведува во краткото соопштение.
Нема информации во кои пристаништа пристигнале бродовите, коментира APK, од каде што посочуваат дека транспортот преку каналот стана возможен благодарение на прекинот на воените настани на Змискиот остров.
Охрабрен од оваа вест, Мартин Грифитс од Обединетите нации на својот Твитер објави дека тоа се уште не е доволно за да се надмине заканата од глобалниот глад.
„Единствено отворањето на украинските пристаништа на Црното Море, кои моментално се блокирани од руската армија, е најдобриот начин да се спречи глобалната глад“, напиша тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и турскиот претседател Таип Ердоган разговараа за деблокирање на украинските пристаништа и за продолжување на извозот на жито.
„Ја цениме поддршката на Турција. Разговаравме за важноста од деблокирање на пристаништето и продолжување на извозот на жито. Исто така, мора да ја спречиме Русија да ни го земе житото од окупираните територии“, напиша Зеленски на Твитер.
Ердоган планира во блиска иднина да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, соопшти Кремљ по телефонскиот разговор во кој разговарале за можноста за извоз на жито од Украина.
