По освежувањето и падот на температурите, веќе оваа недела ни се враќаат жештините, без врнежи, но и топлотен бран кој би можел да трае до почетокот на август, прогнозира метеоролошката служба Severe Weather Europe (SWE), која објави прогноза за Европа до крајот на летото.
SWE користи еден од најсигурните модели за долгорочни прогнози, ECMWF, кој предвидува дека на југот ќе продолжи натпросечното топло и суво време до септември.
Наведуваат дека над Европа гледаат неутрална област над северозападните региони под областа со низок притисок. Температурите над нормалата продолжуваат на јужната половина на нашиот континент, под област со висок притисок. Што се однесува до сушата, на југот таа ќе биде поизразена од вообичаеното за овој период од годината. Во северниот дел ќе преовладуваат повлажни услови под влијание на зона со низок притисок.
Слични прогнози се направени за голем дел од централниот и јужниот дел на САД.
Треба да се напомене дека ниту еден систем за долгорочно/сезонско прогнозирање не може да биде целосно доверлив, така што само ги предвидува трендовите во зависност од тоа како се развиваат временските обрасци.
Новиот топлотен бран веќе ја зафати цела Шпанија каде што се очекува температурите да бидат уште повисоки од јуни.
„Тоа е придружено со повисоки ноќни температури и многу високи вредности во областите каде што тоа не е вообичаено. Дури 40 степени се забележани во Бургос или Паленсија“, рече Рубен дел Кампо, портпарол на тамошната државна метеоролошка агенција АЕМЕТ.
Тој вели дека таму температурите ќе достигнат до 46 Целзиусови степени, пишува Антена3.
Покрај Шпанија, слично време се очекува и во Португалија, како и на северот на Италија, која со недели се бори со незапомнета суша. Југот на Европа е се позагрозен од шумски пожари кои веќе изгореа стотици хектари, а со доаѓањето на топлотниот бран ризикот се зголемува.
