Сезонските берачи на малини, капини и други бобинки во Србија во просек можат да заработат повеќе од 4.000 динари дневно (околу 2.000 денари), што е за илјада повеќе од лани, но годинава има и земјоделци кои нудат двојно поголема плата за берба. Причината – недостигот на работна сила, особено помлади работници, па на плантажите низ Србија овие напорни работи најчесто ги вршат постари луѓе, пренесува српска Политика.
Многу одгледувачи на малини ги ангажираат истите работници со години, додека други се принудени да ги бараат преку огласи или преку агенции за вработување кои нудат работна сила дури и од Индија, Непал, Пакистан, Молдавија и други земји, пренесува српски Данас.
Радован Лукиќ одгледува малини на речиси два хектари во Трешњевац. Одгледува и боровинки, а има и сопствен ладилник, па му требаат 25 работници. Претставник на агенцијата за вработување од Белград, вели, му понудил работници од Индија, Непал, Пакистан, Бугарија, Албанија и други земји, кои работат многу за помали суми.
„Рече дека тие работат за дневница од 2.000 до 2.200 динари и дека со некој надомест што треба да го платам, ќе ме чини околу 2.600 динари. Ми рече дека треба да останат шест месеци во Србија, но јас немам толку работа за нив“, откри Лукиќ за овој медиум и наведува дека некои сопственици на плантажи со малини се пријавиле да ангажираат еден или двајца работници за да ја проверат и таа можност.
